skip to Main Content

Македонија со нов Американец ги почна подготовките за Швајцарија

Македонија со нов Американец ги почна подготовките за Швајцарија
  • 18.06.2018

Македонската сениорска кошаркарска репрезентација го имаше првиот собир во рамките на подговителниот период за натпреварот против Швајцарија во претквалификациите за ЕП 2021.

Селекторот Јорданчо Давитков откако најпрво им даде една недела дополнителен одмор на кошаркарите, в понеделник во СЦ „Jане Сандански“ ја направи првата прозивка на која поради повреди не се појавија Дарко Соколов, Кирил Николовски и Андреј Маслинко.

Ова е тежок период за кошаркарите зашто доаѓа по крај на сезона и сега ќе мора да се вратат во соодветен ритам за да одговорат на репрезентативните обврски. Составот ќе биде малку изменет бидејќи откажаа тројца кошаркари, Соколов има повреда на коленото, Николовски мака мачи со скочниот зглоб, а утринава и Маслинко нѐ информираше дека ќе оди на операција на зглобот на раката. Згора на тоа и Костоски најави дека ќе се приклучи подоцна, а Крстевски ќе ги пропушти првите тренинзи“, изјави Давитков пред денешниот прв собир.

Според планот на стручниот штаб, ќе се тренира во Скопје до 27 јуни кога се патува за Фрибург. Давитков сега за пресметката со Швајцарците дефинитивно ќе може да смета на Војдан Стојановски, Дамјан Стојановски, Александар Костоски, Андреј Магдевски, Димитар Караџовски, Бобан Стајиќ,  Адем Мекиќ, Стојан Ѓуроски, Бојан Трајковски, Бојан Крстевски и Александар Штерјов, како и на новиот натурализиран Американец, Шејн Витингтон кој од денеска од првиот собир е со репрезентацијата.

Македонија е на врвот во групата со максимален учинок од три победи, две против Словачка и една против Швајцарија.  Со триумф и на гостински терен на 28 јуни кај Швајцарија, нашата селекција ќе го завери лидерското место, кое носи сигурен пласман во следната фаза од претквалификациите.

Back To Top