skip to Main Content

Вардар се насочува кон СЕХА – во првиот од трите последни дуели го пречекува Мешков

Вардар се насочува кон СЕХА – во првиот од трите последни дуели го пречекува Мешков
  • 04.03.2019

По успешниот циклус во групната фаза од Лигата на шампионите и пласманот во осминафиналето, ракометарите на Вардар ги продолжуваат обврските во регионалната СЕХА лига.

Во првиот, од последните три натпревари до плејофот, „Црвено-црните“ ќе истрчаат против Мешков Брест, екипа која за разлика од македонскиот првак, се уште атакува за место меѓу четирите најдобри за Ф4 турнирот. Сепак, тоа не ги плаши Вардарци, кои претстојните СЕХА дуели ќе ги користат за кревање на формата.

„Немаме многу време да се подготвиме за мечот со Мешков, но најважно е да одиграме добро и победиме. Само што ја завршивме групната фаза од Лигата на шампионите, сега го чекаме осминафиналето, а потоа и Ф4-турнирот во СЕХА. Претстојните натпревари ќе ги искористам за подобрување на нашата игра, а во зависност од тоа како се чуствуваат некои играчи, така ќе им биде дадена шанса за игра“, изјави тренерот на Вардар, Роберто Парондо на денешната пресконференција, на која потврди дека Кристијан Дисингер по повредата на мечот со Монпелје нема да биде во комбинација за игра.

Мечот меѓу Вардар и Мешков се игра во вторник во Јане Сандански“ од 17.15 часот, како последен дуел во Скопје од календарот на СЕХА. Моментално Вардар е лидер со 39 бода, пред Нексе и Загреб со по 36, а за четвртото место се борат Мешков и Татран со по 30.

Back To Top