skip to Main Content

Вардар без Борозан, но со новото засилување Дисингер против Мешков во ЛШ

Вардар без Борозан, но со новото засилување Дисингер против Мешков во ЛШ
  • 01.11.2018

По врзаните три порази, два во СЕХА, и претходно од Кјелце, прв во Лигата на шампионите, македонскиот првак Вардар викендов се враќа на обврските во елитното натпреварување. Тренерот Роберто Парондо нема да може да смета на услугите на Вуко Борозан, откако Црногорецот заработи суспензија од еден натпревар од страна на ЕХФ поради црвениот картон и грубиот прекршок минатото коло над Михал Јурецки од Кјелце. Хендикеп за Вардарци е тоа што Борозан беше единствениот здрав лев бек во тимот, но среќа во несреќа е тоа што од неодамна „Црвено-црните“ се засилија со Кристијан Дисингер, па токму Германецот сега ќе дебитира со завидна минутажа.

„Ќе биде тешко без Вуко. Јас лично не знам зошто е суспендиран. Тоа беше акција, фаул, во кој Вуко немаше намера. Не се согласуваме со одлуката, но ја прифаќаме. Дисингер сега може да игра, иако не е максимално подготвен по двата одржани тренинзи. Сепак, тука се останатите од тимот за да му помогнат. Мечот против Мешков Брест ќе биде тежок, но ние се подготвуваме максимално за победа“, истакна Парондо.

Капитенот Стојанче Стоилов, пак, свесен за квалитетот на противникот, очекува тежок натпревар.

„Мешков Брест е екипа која ја знаеме, играме против нив секоја година неколку пати. Имаат нов тренер, што значи дека е нешто сменето. Оваа година покажаа дека имаат квалитет, дека се сериозна екипа. Наше е да го покажеме нашиот квалитет, во нашата сала и пред нашата публика.. Имавме некои проблеми со повреди, сега еве и суспензија, но нема оправдување“, истакна Стоилов.

Вардар против Мешков Брест ќе се обиде да се врати во победнички ритам, а воедно и да се реваншира за поразот од пред неколку дена кога одиграа со младински состав, се со цел подобро да се подготват за саботниот натпревар во Јане Сандански од 17 часот.

Back To Top