(Видео) 1ТВ ексклузивно дознава дека е уапсен Владимир Атанасовски, поранешниот директор на УБК

1ТВ ексклузивно дознава дека е уапсен Владимир Атанасовски, поранешниот директор на УБК. Тој се наоѓа на распит во Кривичниот суд, бидејќи како што појасни обвинителката Вилма Русковска, побарала да му биде одреден притвор поради опасност од бегство и можност за влијание врз сведоци.
На страницата на ОЈО во соопштение пишува дека надлежен обвинител донесе Наредба за спроведување на истражна постапка и до судија на претходна постапка достави Предлог за определување мерка притвор за едно лице, поради основано сомнение дека сторило кривично дело Здружување заради непријателска дејност од чл. 324 ст.1 од Кривичниот законик.
Вчера тројца од притворените го посочија токму него за организацијата на нападот на Собранието на 27 април лани. Според сведочењето на обвинетите Михаил и Стефан Младеновски, целта на упадот во Собранието била доколку биде избран нов претседател на парламентот, упадот да биде причина претседателот Иванов да прогласни вонредна состојба и да ги уапси пратениците од СДСМ.
На функцијата директор на УБК дојде на први септември 2016 година, откако Сашо Мијалков си поднесе оставка поради судирот на полициските сили со вооружена група од Косово во кумановската „Диво насеље“, кога загинаа осуммина припадници на МВР.
На функцијата остана до 16 јуни 2017 година, додека сè уште не беше почната истрага за организирањето на настаните на 27 април и на сè што им претходело.
1tv.mk: Преземањето на авторски содржини обајавени на оваа страница е дозволено само делумно (маx. до 30 насто од содржината) и со ставање хиперлинк до содржината којашто се цитира. Непридржувањето до ова правило ќе значи крадење на информациите и соодветно ќе се санкционира од страна на BMJ Мedia Group, согласно позитивните законски норми.