skip to Main Content

Ќе ги одложи ли ратификацијата на Протоколот за НАТО изборите на 12 април?

Ќе ги одложи ли ратификацијата на Протоколот за НАТО изборите на 12 април?
  • 02.11.2019

Доколку бидат испочитувани сите законски рокови Собранието би требало да се распушти на 11 февруари, а веднаш потоа претседателот на законодавниот дом Талат Џафери ќе ги распише предвремените парламентарни избори што треба да се одржат на 12 април.

Ова го посочи самиот Џафери на средбата со новинари пред неколку дена, а премиерот Зоран Заев вчера истакна дека 12 април, датумот за кој се усогласија лидерите на политичките партии на средбата кај претседателот Стево Пендаровски, треба да се задржи, но, сепак, истакна дека се остава можност за какви било промени, пред се заради ратификацијата на Протоколот за прием на Северна Македонија во НАТО.

-Треба да се држиме до одлуките, барем до оние кои како политичките чинители ги донесовме со консензус и 12 април треба да го задржиме. Секако, секој пат одговорноста на државата е пред се и над се. Оставаме можност да се случат било какви промени, пред се заради НАТО ратификацијата, рече Заев.

Тој посочи дека како држава нема да дозволиме да немаме Парламент токму кога ние треба да го ратификуваме Протоколот со НАТО.

– Сите 29 земји членки го ратификувале Протоколот и кога ќе дојде до Република Северна Македонија да го ратификува не смееме да дозволиме да немаме парламент, истакна премиерот.

Според првиот човек на законодавниот дом, не постои можност да се свика Собранието доколку има потреба да се ратификува Протоколот за членство во НАТО.

За тоа, рече Џафери, ќе треба да се чека на новиот собраниски состав. За ова прашање, нагласи, досега не разговарал со лидери на политички партии, а кој има потреба за тоа, подвлече, треба да побара средба и да разговараме.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ со реакција дека пречка за изборите да се одржат на 12 април нема. Дафина Стојановска вчера на прес-конференција рече дека датумот е усогласен, препреки нема, а тоа го кажал и претседателот на лидерската средба на којашто сите учесници консензуално се договорија да има избори.

-Ова едноставно е само обид на Заев и алиби да и избега на правдата, таа е онаа правда заради која што ги урнисаа сите државни институции во државата. Но, токму таа правда нив ќе ги стигне кога тогаш. Колку повеќе одолговлекуваат толку посилен пораз ќе доживеат, рече таа.

За датумот за избори вчера говореше и Зијадин Села, кој во „Само интервју“ на Канал 5 нагласи дека за Алијансата за Албанците 12 април е датумот за одржување предвремени парламентарни збори, а изјавата на Заев, според него само покажува дека власта се плаши од избори.

Според Села, изборите му требаат пред се на албанското општество, зашто ДУИ, како што рече, не е репрезент на мнозинството албански граѓани и изминативе години е дел од власта благодарение на поддршката од ВМРО-ДПМНЕ или од СДСМ.

-Поголемиот дел од населението не се чувствува претставувано овие 18 години. ДУИ секој ден влегува со нарушен идентитет пред Албанците. Вратете се на локалните избори да видите што се случи. ДУИ немаше да добие ниту една општина да не беа ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ. Албанците овој пат ќе ја донесат промената, ќе ја вратат демократијата, истакна Села.

Земјава се очекува мошне брзо да стане и официјална членка на НАТО, уште три ратификации ја делат од полноправното членство.

Дваесет и шест земји, меѓу кои и САД, дадоа зелено светло Северна Македонија да се приклучи во Алијансата. Останува тоа наскоро да го сторат уште Франција, Холандија и Шпанија, а Протоколот потоа треба да помине и во нашето Собрание.

Во Франција ратификацијата треба да ја заврши Националното собрание, откако тоа претходно го стори Сенатот. Во земјава в понеделник пристигнува потпретседателката на Сенатот, Елен Конве-Муре на средби со претседателот на Собранието, Талат Џафери, со преставниици на собраниските тела и на пратеничките групи.

Сенаторката Конве-Муре учествуваше во изготвувањето на Предлог-законот за ратификување на Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО, што минатиот месец во прво читање помина во Сенатот на Франција.

Очекувањата беа дека Протоколот наскоро ќе биде ратификуван од сите 29 држави членки и со тоа приемот на земјава ќе може да се официјализира пред Самитот на Алијансата закажан за 3 и 4 декември во Лондон.
Засега е неизвесно дали тоа пред Самитот ќе се случи во шпанскиот Парламент. Двата дома на Парламентот се распуштени. Изборите се закажани за 10 ноември, а доколку сè помине како што треба новиот состав на Парламентот би се конституирал на 3 декември.

Земјите членки на НАТО на 6 февруари го потпишаа Протоколот за пристапување на Северна Македонија во Алијансата. По ратификацијата на Протоколот во парламентите на сите 29 земји сојузници во Алијансата, тој треба да биде ратификуван и во Собранието на Северна Македонија, со што земјата станува 30-та членка на НАТО.

Back To Top