skip to Main Content

Заврши лидерската – „Ја одбранивме правната држава! ВМРО-ДПМНЕ со часови ги изневеруваше очекувањата на граѓаните“

Заврши лидерската – „Ја одбранивме правната држава! ВМРО-ДПМНЕ со часови ги изневеруваше очекувањата на граѓаните“
  • 11.09.2019

Преговарачкиот тим на Премиерот Зоран Заев, ја напушти зградата на Собранието околу 3 часот по полноќ, по шестчасовни преговори со тимот на Христија Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ.

„Единствена цел на ВМРО-ДПМНЕ беше уништување на сите предмети од СЈО до 30 јуни, а тоа сакаа да го постигнат преку тоа што нивни обвинител би ги преземал сите предметите за подоцна да ги затвори и уништи. А, предметите после 30 јуни да се затвореле со закон. Тоа се главните барања на преговарачкиот тим на ВМРО-ДПМНЕ предводен од Христијан Мицкоски, кој ни по шест часа, не се согласи да го поддржи процесот на донесување на закон за јавното обвинителство, што е важен услов за продолжување на македонската ЕУ агенда“ – брифираат од преговарачкиот тим на власта, предводен од премиерот Зоран Заев, по прекинувањето на шестчасовните преговори во Собранието на РСМ, јавува Цивил.

Власта на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ им понуди формирање нова обвинителска институција која ќе гони висока корупција сторена од избрани и именувани функционери, од сега па во иднина, со нови случаи, без разлика кој е на власт. Предлогот беше шеф на таа нова обвинителска институција да предлага опозицијата, но и тоа го одбија зашто нив не ги интересира иднината на правната држава, нив ги интересира да нема правда за предметите на СЈО, брифираат од преговарачкиот тим на власта кој, иако договор не е постигнат ноќва, сепак, сметаат дека постои напредок, ако се погледне постигнатото до сега.

„Ја одбранивме правната држава!“ – велат од преговарачкиот тим на власта. „Со вчерашното преземање на предметите од страна на ЈО, целосно е обезбедена иднината на сите предмети на СЈО со цел тие да имаат своја разрешница во системот на јавното обвинителство и судството. Сите предмети, сите истраги и предистраги продолжуваат во целосна независна надлежност на државното јавно обвинителство.“

Според тимот на премиерот Заев, пренесува Цивил шефот на јавното обвинителство ќе одреди, согласно законските овластувања, кој јавен обвинител ќе го продолжи секој од предметите. Со ова, судбината на случаите се решава во јавното обвинителство и во судството, а не на преговарачка маса меѓу политичките партии. Државата, конечно, изгради независен судски систем кој функционира непречено, систем кој не може да биде спречен од која било политичка партија.

„Апелираме за одговорно и државничко однесување на сите политички чинители вклучувајќи го и ВМРО-ДПМНЕ. Време е после две години неодговорно однесување во опозиција, ВМРО-ДПМНЕ да престане да ѝ штети на европската иднина на државата. Долго време преговараме за овој Закон и ред е да носиме принципиелни одлуки кои ќе овозможат правда, независно судство и обвинителство и фер постапки за сите. Одговорноста за неуспехот на овој процес ќе биде токму на ВМРО-ДПМНЕ кои постојано штетат на владеењето на правото, оние кои воведоа неправда и Сваровски судство во земјава, оние кои упорно бараат политиката да одлучува за правната одговорност на политичарите. Ние немаме од што да се криеме или бегаме, сакаме да овозможиме правда и независно судство. Тоа го сакаат граѓаните, тоа го очекуваат нашите пријатели од ЕУ. ВМРО-ДПМНЕ да си ја преземе одговорноста за штетите што ги прави по правната држава и по европските интеграции на земјава“ – заклучуваат од преговарачкиот тим на власта кои заминаа од преговорите околу три часот по полноќ.

извор:Цивил

Back To Top