skip to Main Content

Јанева ги нуди становите на децата за да излезе од притвор

Јанева ги нуди становите на децата за да излезе од притвор
  • 17.09.2019

Катица Јанева испрати барање за да излезе од затворот во Шутка, а како гаранција дека нема да избега ги понуди становите на ќерката и на синот во вредност од околу 160 илјади евра и уште еден стан на член на потесното семејство. Поранешната шефица на Специјалното јавно обвинителство бара поблага мерка и поради влошување на здравствената состојба.

Адвокатката Ирена Фрчкоска убедува дека Јанева не мора да е во притвор и дека се исполнети законските услови за тоа.

„Катица Јанева е разрешена од функцијата специјален јавен обвинител, како и од јавен обвинител во Гевгелија. Практично не може на ниту еден начин да влијае ниту на сведоците, ниту на предметите. Веќе има законски услови да не се оди со најстрогата мерката притвор, туку да се определат други мерки на претпазливост. Дополнително, гаранцијата е еден вид обезбедување за нејзиното присуство“, вели Фрчкоска за „360 Степени“.

Адвокатката барањето да и се укине притворот на Јанева го доставила до судот и вели дека требало да го добијат уште денеска. Од судот, пак, објаснуваат дека документ од адвокатот на поранешната обвинителка сѐ уште не е пристигнат.

Додека одбраната образложува зошто Јанева треба да излезе од Шутка, Обвинителството за организиран криминал анализира дали на Јанева ќе и биде продолжен или заменет притворот со поблага мерка.

„Дали обвинителката (Вилма Русковска) ќе го искористи тоа законско право и ќе побара продолжување на мерката притвор или ќе предложи замена со некоја поблага мерка во моментов не можеме да кажеме затоа што сѐ уште се работи на анализа на вербалните и материјалните докази.“ велат од Обвинителството за „360 Степени“.

Триесетдневниот притвор на Јанева ѝ истекува во петок. Таа заедно со Бојан Јовановски и Зоран Милески – Кичеец се осомничени и притворени за „Рекет“ од еден и пол милиони евра за укинување на притворот на бизнисменот Орце Камчев обвинет во предметот „Империја“.

Според анкетниот лист на Катица јанева, нејзините две деца имаат по еден стан во Скопје, едниот во вредност од 100 илјади, а другиот од 60 илјади евра.

Од личен имот Јанева има куќа во Гевгелија од 370 метри квадратни која, според адвокатката, е дадена под хипотека за кредит. Јанева има и плац и земјоделско земјиште во гевгелиско, заштеда од околу 100 илјади евра, но и неколку кредити.

Back To Top