skip to Main Content

Шилегов: Пари за жичницата кон Водно има, проблематична е нејзината стартна точка

Шилегов: Пари за жичницата кон Водно има, проблематична е нејзината стартна точка
  • 23.04.2018

Пари за реализација на втората фаза од жичницата кон Водно има, но проблематична е стартната точка на жичницата, оцени денеска градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов.

Тој прецизира дека инвестицијата за жичницата не е на Град Скопје, туку на Министерството за транспорт и врски и додаде дека не се проблем паричните средства за реализација, но проблематично е што треба да се сече шума, како и одбраната локација за појдовната точка на жичницата. Во моментов, нагласи, има дилеми во таа насока.

– Проектот за жичницата за Водно каде како почетна станица е ставен паркингот кај Институтот за белодробни заболувања кај децата е апсурден. На дечињата што ги лекувате од белодробни заболувања треба да им ги донесете колите под нос. Тоа е несреќно решение, рече градоначалникот Шилегов одговарајќи на советничко прашање на денешната седница на Советот на Град Скопје.

Тој посочи дека има и ограничувања дека жичницата не може да оди над објекти за живеење, а како што кажа во близина на предвидената траса е и вилата на Претседателот на Република Македонија поради што може да има и проблеми за нејзино обезбедување.

Back To Top