skip to Main Content

Шекеринска: Ова е наша година на успех, на најуспешната етапа од нашиот пат кон НАТО

Шекеринска: Ова е наша година на успех, на најуспешната етапа од нашиот пат кон НАТО
  • 18.08.2019

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, на централната свеченост за одбележување на Денот на Армијата, која се одржа во Охрид, ги нагласи досегашните успеси на Армијата, но зборуваше и за тоа што ќе следи во блиска иднина.

Министерката им се заблагодари на припадниците на Армијата за придонесот кон безбедноста и суверенитетот на нашата држава и за придонесот во процесот за приклучување кон Алијансата, учеството во мировните мисии, помошта на граѓаните при елементарни непогоди.

-Наша задача е да ви обезбедиме најдобар тренинг, најдобра опрема и постојано внимание, да продолжиме да инвестираме во вас, во нашите луѓе и за нашите луѓе, рече Шекеринска. Порача дека грижата за Армијата нема да прекине и дека две години по ред се зголемува буџетот за одбраната, се зголемуваат платите, редовно се исплаќаат и јубилејните награди и дежурствата.

Министерката порача дека по 16 години беа набавени нови инженериски машини, Армијата се подмлади за нови 500 професионални војници.

Во однос на идните чекори, Шекеринска рече дека државата и Армијата одбројува до полноправното членство во Алијансата, за што се прават и последните подготовки.

-Изработивме План за опремување и модернизација на вооружените сили, како дел од Долгорочниот план за развој на одбранбените способности 2019 – 2028. Ги менуваме клучните закони и ги воведуваме НАТО правилата, нагласи Шекеринска и додаде дека покрај зголемувањето на буџетите, беше зголемена и транспарентноста и отчетноста во работењето.

За неодамна завршената воена вежба „Одлучен удар“, најголема во нашата земја, таа рече дека Армијата покажа дека е кредибилен, организиран и посветен партнер, дека е НАТО.

Министерката Шекеринска го посвети Денот на Армијата на нашите припадници кои во моментов се илјадници километри од дома, во мировните мисии, особено во мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан.

-Во Кабул е речиси 1 попладне. Ова за нашите војници и офицери е работен ден, со работни задачи и многу ризици, очекувани и неочекувани, опасни и уште поопасни. Оваа прослава е наша прослава, но за мене, пред се, ова е нивен ден, рече министерката.

Министерката ѝ честиташе на новопоставениот аѓутант на Претседателот, потполковник Блажевска, прва – жена аѓутант на врховниот командант и порача дека армиската професија е професија и за жените кои секојдневно докажуваат дека можат да се справат со сите задачи и одговорности.

Во обраќањето пред Претседателот Стево Пендаровски, началникот на Генералштабот, генералот Ѓурчиновски и останатите високи гости, министерката Шекеринска порача дека зад нас е година на успех, но очекувам идната да е уште подобра и уште поуспешна.

Претседателот и врховен командант, Пендаровски, истакна дека реформите во одбраната и безбедноста се постојан процес и дека тие ќе продолжат и по членството во НАТО.

Обраќајќи им се на припадниците на Армијата, претседателот Пендаровски рече дека „како врховен командант ќе инсистирам на подобрување на вашиот животен и професионален стандард и како што вие одговорно, посветено и професионално го исполнувате вашиот дел од обврските, така и ние мора да ја исполниме нашата обврска кон вас.“

Претседателот, на Сквадронот на транспортни хеликоптери од Воздухопловната бригада на Здружената оперативна команда и на Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје им додели медали за воени заслуги.

Back To Top