skip to Main Content

Шекеринска во „Лица“: 90-тите беа тешки, но политиката изгледаше како нешто што драматично ќе ни го менува животот

Шекеринска во „Лица“: 90-тите беа тешки, но политиката изгледаше како нешто што драматично ќе ни го менува животот
  • 29.04.2019

По 27 години занимавање со партија и со политика, се наметнува прашањето дали тоа му здодева на човека. Во емисијата „Лица“, вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска на ова прашање ќе одговори дека да ја прашал некој на почетоците, никогаш не би одговорила дека политичкиот ангажман значи политичка кариера.

-Во ниту еден момент не планирав, не се надевав и не работев на тоа да имам политичка кариера. Тврдев дека ќе се обидам да работам на двата фронта. 90-тите години беа тешки, беше тешко да се биде млад човек од различни причини, со различни проблеми од сегашниве, но факт е дека политиката изгледаше како нешто што драматично ќе ни го менува животот. Јас сум човек кој не сака да набљудува, сакам на тоа во што верувам не само да му аплаудирам или да го коментирам, туку сакам да учествувам. Влегов во политиката со нула план и нула амбиција да имам политичка или партиска кариера, но влегов со желба нешто да промениме на подобро. За некои работи ги успеав, за некои не, вели Шекеринска.

Како што потсетува, во тоа време подмладоците биле новина, иако постоеле во стариот систем, се изгубиле со повеќепартизмот тој дел се изгубил од претходниот систем. Во тој период во Македонија и на Балканот било помодерно да се биде националист, а повиците за национализам биле многу присутни и меѓу младите. Таа вели дека не било лесно младите да се мобилизираат и да изберат опција на отвореност кон светот и кон соседите и затоа сметала дека треба да ги убеди дека политиката не е професија, туку нешто што ќе ни даде сила да го менуваме светот.

-Во тие денови на политиката многу повеќе се гледаше низ призмата на вредности, а многу помалку низ призмата на интерес, изјави Шекеринска и додава дека за жал, работите се сменети и денес на политичкиот ангажман се гледа како брза трака за вработување и денес партиските подмладоци се гледаат како агенција за вработување.

Back To Top