skip to Main Content

Шекеринска во „Лица“: Јас сум една од ретките што по изборен пораз си дала оставка

Шекеринска во „Лица“: Јас сум една од ретките што по изборен пораз си дала оставка
  • 29.04.2019

Како лик кој опстојува на политичката сцена повеќе од сите други, вицепремиерката и министерка Радмила Шекеринска вели дека размислувала за тоа дека човек може да ѝ здодее на јавноста и затоа во повеќе наврати се повлекувала од првиот ешалон.

-Јас сум еден од ретките претседатели на партија кој по изборен пораз си дал оставка, меѓу другото и затоа што сметам дека луѓето треба да ја земаат тежината на себе, а не да ја оставаат на партијата или на тимот. Во тие моменти сметав дека тоа е добро за мене, сте биле присутен премногу, сте дале што сте можеле. Бев изненадека кога по 3 години надвор од жижата на настаните излегов на површината како личност со најголема доверба во СДСМ пред изборите во 2011 година, објаснува Шекеринска и додава дека затоа треба повеќе да ги менуваме и политиките, за новите ликови да добијат нова шанса.

Сепак, признава дека и по извесен период поминат надвор од жижата, луѓето не ја заборавиле, за добро или за лошо, а некогаш за лошо. За работата вели дека е тимска, а за жените во политиката, на овие простори важи ставот дека ако се неуспешни, тогаш се слаби, а ако се успешни, најголемиот дел од луѓето мислат дека тоа е резултат на себичност во планирањето.

-Кога решив да се повлечам затоа што не успеав да победам на изборите во 2008, многумина мислеа дека е трик, дека најавувам оставка за потоа да биде нешто поинаку. Никогаш не сум верувала во дупли игри, ги добивав шансите тогаш кога најмногу играв за тимот, а не за себе, вели Шекеринска.

За „муабетите“ што се шират во самите политички структури, а потоа излегуваат во јавноста, како на пример дека била влијателна во кадровската политика, ќе рече дека иако е многу важна област, најмалку ги сака ваквите проблеми, затоа што одземаат енергија од поважните работи. Но, како што вели, луѓето во Македонија, а посебно во СДСМ, многу се навикнати дека ако немаат што да понудат со работа и резултати, компензираат со интриги.

Back To Top