skip to Main Content

Шандор за 1тв: Азилот за Груевски ќе направи од Унгарија збирно место за криминалци

Шандор за 1тв: Азилот за Груевски ќе направи од Унгарија збирно место за криминалци
  • 21.11.2018

Бурни реакции од унгарската опозиција и прозивки од Европската унија за азилот кој го доби бегалецот Груевски. Сега практично и нема можност тој да биде вратен во македонските затвори. Ова денеска го потенцираше унгарскиот министер за правда Ласло Трочани кој ја исклучи можноста за екстрадирање.

– Груевски откако доби азил во Унгарија не може да биде испорачан во земја во која e цел на прогон. Унгарската служба за имиграција и бегалци вчера му одобри политички азил на Груевски, по кого Македонија распиша меѓународна потерница заради издржување на двегодишната затворска казна. Македонското Министерство за правда вчера до унгарските власти го достави и барањето за екстрадиција на Никола Груевски од Унгарија.

Опозицијата со бурни реакции рече дека Орбан признал дека е вмешан во меѓународна мрежа на криумчарење мигранти. Во телефонски разговор за 1ТВ, Ронаи Шандор од Демократската опозиција вели дека министерот лаже и дека само криминални партии заштитуваат криминалци. Додава дека оваа одлука е срам за Унгарија и ако ова се дозволи, Унгарија ќе стане збирно место на криминалци.

Владата на Орбан призна дека извршила криумчарење на луѓе, учествувала во бегство од затвор и илегална миграција. Виктор Орбан сака да ја направи нашата земја збирно место на корумпирани политичари и сродни криминалци кои избегале од својот народ. И затоа треба да се свртиме кон Европската унија и да побараме да го истражат ова бидејќи ова е голем проблем и историски срам – вели Ронаи Шандор за 1ТВ од Демократска коалиција.

Додава дека ќе бара помош од Европската унија бидејќи во својата земја Орбан ги контролира сите институции во земјата. Ниту унијата не остана без реакција. Еврокомесарот Јоханес Хан побара објаснување од Орбан и го потсети дека ЕУ бара владеење на правото.

„Ако се потврди, очекувам разумно објаснување од Виктор Орбан за причините. Владеењето на законот останува основен принцип и за членките и за кандидатите за членство“, додаде Хан. „Тоа е клучно за угледот на Европа. Изненадува тоа што Унгарија го поддржува зачленувањето на Македонија во ЕУ, но не ја смета за безбедна“.

Бегството на Груевски е тема во повеќе држави. И во Грција се полемизира неговиот азил, а политиколозите го нарекоа предмет на потсмев бидејќи ги изневери и ги излажа луѓето кои му верувале. Политикологот Јоргос Христидис смета дека Груевски и понатаму ќе влијае на ратификацијата и примената на Преспанскиот договор но вели дека сепак полесно ќе се спроведе. Според Христидис, Европската унија се враќа на Балканот откако Западен Балкан беше долго време оставен сам на себе, сфаќајќи дека во регионот владеат авторитарни лидери, што води кон вистински закани за безбедноста на регионот.

Кристина Атовска

Back To Top