skip to Main Content

Центарот за биоетика како можност да се едуцираме за ГМО – тема на Студио 1 (Видео)

Центарот за биоетика како можност да се едуцираме за ГМО – тема на Студио 1 (Видео)
  • 24.04.2018

Модерното општество бара осовременување и на дебатата за новите проблеми со кои се соочуваме. Еден од нив е и распространетоста на ГМО во секојдневната исхрана, што беше темата на првата трибина на новиот македонски центар за биоетика. Според раководителот на центарот, проф. Дејан Донев, веќе доцниме во однос на регионот со овие дискусии и проблемите се нараснати до тој степен, што веќе е повеќе од неопходно да отвориме дебата на научно ниво.

– Кога носите одреден тип на закон којшто го тангира здравјето на луѓето, освен јавната дебата, ова е уште една форма преку која може да се дејствува тој истиот закон, подоцна кога ќе влезе во процедура, во гласање, да биде дотеран како што треба, да носи корист за сите, вели проф. Дејан Донев за 1ТВ.

Според Донев, во земјава има една до две книги за ГМО преведени на македонски, додека новите светски трендови бараат едукација за биоетиката на високо ниво.

– Биоетиката е етика на животот, опфаќа и еколошка и медицинска и етика на ГМО и права на животните и преку конкретни форми треба да го подобри квалитетот на животот на луѓето, објаснува Донев.

Според доцент д-р Ивица Келам од Центарот за интегративна биоетика во Осиек, ГМО е непотребна иновација за 21 век. На Балканот има здрава и еколошка домашна храна, додека во светски рамки, искуството покажува дека ГМО воопшто не помогнало за намалување на бројот на гладни, туку напротив, прави огромна штета на милиони хектари земјишни површини.

– Како обични потрошувачи, ние не можеме да го препознаеме ГМО доматот, пиперката или било кој друг прехрамбен продукт. Тие изгледаат подеднакво исто со обичните производи. Не сум истражувал во Македонија, но можам да дадам пример со Хрватска, каде што постои законска обврска дека секој производ со повеќе од 0,9 отсто ГМО во својата содржина мора да биде етикетиран. Тогаш купувачот знае и не би го купувал тоа, вели Келам за 1ТВ.

Според хрватскиот биоетичар, ГМО се произведува само заради поголем профит, односно бидејќи се сее и се жнее полесно кога со тешки пестициди кои не влијаат на самиот производ се уништува се што е зелено околу него. Проблемот е што остатоци од тој хербицид се задржува во растението а според експертите, тие се штетни за човековото здравје. Како што вели Келам, можеме да се заштитиме само ако државата во која живееме донесе строги закони за контрола на ГМО и тие закони да се применуваат.

Back To Top