skip to Main Content

Хан: Очекувам брзо решение за спорот со името и имплементација на владиниот План 3-6-9

Хан: Очекувам брзо решение за спорот со името и имплементација на владиниот План 3-6-9
  • 18.04.2018

Сметам дека решение за името ќе е се најде многу брзо. Добро почнавте и ова треба да се одржи.  После кризата сега сте на прав пат, чувствувам отвореност, транспарентност, добри вибрации, енергија и треба да се искористи овој моментум. Ова го порача денеска еврокомесарот за проширување Јоханес Хан откако му го предаде Извештајот на ЕК  на Премиерот Зоран Заев во кој Македонија доби чиста препорака за отпочнување на преговорите. Хан рече дека е пресреќен што е повторно во Скопје, овојпат за да ги најави долгоочекувани добри вести.

-Како што разбрав двете страни се одлучни да најдат решение и многу работат на тоа за да се дојде до фер и правичен договор во интерес на двете страни. Тоа треба да е целта и мислам дека тоа е можно и можно е во блиска иднина – рече Хан нагласувајќи дека од преговарачкиот процес треба да произлезе компромис за кој секоја страна треба да даде нешто за да се постигне конечната цел и да се склучи фер договор.

Според него  давањето на препораката, земјите членки го признале фокусирањето на земјата во исполнување на условите за почеток на преговорите. Тој рече дека за ова придонеле сите страни, и Владата во нејзината сериозност во пристапот кон реформите и опозицијата со поддршката на оваа национална цел.

-Не сакам да ја скријам и личната среќа да прославиме денеска успех по толку посети поврзани со управување со кризата. Ова е еден момент и една обврска. Ова е еден пат кон Европа и останува уште многу да се направи, рече Хан.

Потенцираше дека земјава станала фактор на стабилност во регионот, кој може да послужи како модел за имплемантацијата, за другите земји. Апелираше дека не е важна само регулативата туку е најважна имплементацијата на мерките од владиниот план 3-6-9.

Премиерот Заев истакна дека следниот чекор на кој е фокусирана Владата е одлуката на Советот во врска со препораката од ЕК и тоа како што рече е поттик за Владата уште поенергично да го води процесот кои ќе доведат до датум за почеток на преговорите.

-Извештајот на ЕК ги вреднува сите наши заложби и започнати процеси што се одлика на демократски ориентирана држава. РМ го задоволува основниот политички критерум за членство во ЕУ-рече Заев.

На прашањето, која е користа за ЕУ Македонија да стане нејзина членка, Заев рече дека можат да добијат само додадена вредност.

-Ние сме дел од таа Европа и припаѓаме и можеме да и донесеме само позитивни работи, рече Заев.

 

Back To Top