skip to Main Content

(ФОТО) Едночасовно воено оркестарско доживување

(ФОТО) Едночасовно воено оркестарско доживување
  • 12.12.2018

Со големи аплаузи беше поздравена вечерашната маестрална изведба на трилатералниот воен состав кој одржа предновогодишен концерт во Домот на АРМ. Припадници на армиите на Македонија, Црна Гора и Бугарија приредија оркестарско доживување од светски ранг, а атмосферата во преполната сала стана дополнително весела откако диригентот од македонската армија почна да ја анимира и публиката. Концертот беше во духот на регионалната соработка, а на репертоарот се најдоа светски класици, теми од филмската музика, но и нумери од македонски автори.

Кратко воведно обраќање имаше министерката за одбрана, Радмила Шекеринска во кое порача дека трите армии ја научиле лекцијата.

„2018 беше тешка, но успешна година. Оваа година дадовме нов живот на сонот наречен ЕУ и НАТО. Ова беше година во која Македонија се отвори. Овој концерт покажува дека овие армии ја научија лекцијата. Се надевам дека во 2019 ќе покажеме дека сме европски подготвени“, рече Шекеринска.

Освен врвот на Армијата и Генералштабот, присутен беше и државниот врв, со исклучок на претседателот Ѓорѓе Иванов кој бил поканет, но не одговорил на поканата. Присутен беше премиерот Зоран Заев со својата сопруга, првиот човек на законодавниот дом, Талат Џафери и уште неколку министри од владата. Забележително беше присуството на амбасадорот Џес Бејли, како и на голем број странски дипломати и претставници на армии.

Back To Top