skip to Main Content

Феноменот на турските серии тема на „Студио 1“ со Сабина Ајрула Тозија

Феноменот на турските серии тема на „Студио 1“ со Сабина Ајрула Тозија
  • 26.04.2018

Турските серии се феномен во Македонија и пошироко исто како што пред нив беа шпанските. Ги емитуваат повеќе телевизии, а гласовите што ги синхронизираат се веќе препознатливи. Гостинка во Студио 1 е Сабина Ајрула Тозија, позната по улогата во една од најгледаните турски серии во светот, „Султан Сулејман“. Со неа разговараме за овој феномен и како се најде во серијата „Сулејман Величествениот“.

-Фотографии, пробно снимање… имаше многу кандидати меѓу кои и познати турски имиња. Сум ја имала таа среќа што се определија за мене, вели Ајрула Тозија.

Турскиот јазик го познавала од претходно, но нашиот дијалект. Како што раскажува, има голема разлика меѓу турскиот во Македонија и литературниот турски јазик. Сепак, кај нас се задржани многу елементи од османлискиот, и било и тешко и не многу тешко. Многу поинаку било да се снајде во друштвото на актери кои се вистински ѕвезди во Турција.

-Првото мое влегување беше со таква трема, господинот Халит Ерџент го доживеав како вистински султан и таква трема имав, толку бев наведната кога влегов, што ме фати за раце, ме крена и ми кажа „Добредојде, Афифе Хатун“. Ме прегрна, ми бакна рака и режисерот скокна – „Стоп! Никако, вика. Тој, освен на мајка му, на никого Султан Сулејман не му бакнал рака“. На тоа, господинот Халит одговори „Не, грешка сте, прочитав, и на Афифе Хатун, таа му е мајка по млеко“, раскажува Ајрула Тозија.

Целата актерска екипа, како што вели Ајрула Тозија, се однесувала прекрасно и професионално, па снимањето и останало во одлично сеќавање. За турските серии смета дека имаат и многу критичари исто како и шпанските, но не може да се најде вистински пандан меѓу нив. Пред се, вели, мора да се забележи моралната димензија, затоа што не се снимаат како оправдание, туку критика на пример, на насилството против жените.

Back To Top