skip to Main Content

Утре во Софија ќе се оценува спроведувањето на Договорот за добрососедство

Утре во Софија ќе се оценува спроведувањето на Договорот за добрососедство
  • 09.06.2019

Шефот на дипломатијата, Никола Димитров и неговата бугарска колешка Екатерина Захариева ќе претседаваат со комисијата составена од владините делегации на двете земји, а која ќе го оценува досегашното спроведување на Договорот за добрососедство. Утре во Софија ќе се одржи првиот ваков состанок на Заедничката меѓувладина комисија како една од обврските согласно потпишаниот Договор.

– Во рамките на програмата на Меѓувладината комисија, предвидени се  билатерални средби на министрите Димитров и Захариева, како и средби на хомолозите од ресорите економија, одбрана, локална самоуправа, образование и наука, транспорт и врски, на кои ќе се зборува за постигнатиот напредок во соработката во овие области, по потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, а ќе се разговара и за идните активности и проекти соопшти МНР.

 Најавата за првиот состанок на меѓувладината комисија доаѓа само неколку денови по последниот состанок на експертските групи од двете земји, кои ги дебатираат историските поглавја. Двете влади веќе ги добија првите заклучоци од историските дебати, кои најверојатно ќе се најдат на дневен ред, иако тоа не е прецизирано. До сега, затворени се поглавјата за предисторијата и античкиот период, но најтешките теми за разговор, спроед најавите, допрва следуваат.

Препораките за заокружениот дел од историските поглавја во текот на дебатата се однесуваат на учебниците по историја од 5-то одделение во бугарскиот и 6-то одделение во македонскиот образовен систем, конкретно на користењето на историски карти, фактографски грешки за датуми и имиња, како и потеклото и простирањето на античките племиња.

Христијан Баневски

Back To Top