skip to Main Content

Тужби од родители на деца родени 2008 ја блокираа Гинекологија

Тужби од родители на деца родени 2008 ја блокираа Гинекологија
  • 04.04.2018

Клиниката за гинекологија и акушерство од понеделникот е со блокирана сметка. Причината е што установата требало да исплати отштета на повеќе семејства кои тужеле затоа што на нивните деца родени во 2008 година ненавремено им била дијагностицирана ретинопатија. Според образложението оттаму, во тој период не постоела програма за соработка на Клиниката со очен лекар кој требало да доаѓа и да ја дијагностицира состојбата со новороденчињата.

-Станува збор за оштетувања на видот кај новороденчиња родени со исклучително мала телесна тежина и голема незрелост. Дојдена е извршна пресуда од 40.974.561 денари, сума на процеси од пред 10 години која сега би требало одеднаш да се плати, информираат од ГАК.

Блокирањето на сметката доаѓа во период кога ГАК спроведува кампања за собирање донации, што предизвика реакции и загриженост кај граѓаните кои на социјалните мрежи негодуваа што Јавно здравствена установа, финансирана од државниот буџет, собира пари од граѓани и компании. Од Клиниката велат дека станува збор за кампања која се спроведува од ноември минатата година и исклучуваат поврзаност со актуелната финансиска состојба на установата.

– Потенцираме дека собраните средства ќе бидат наменети за набавка на нова опрема, опрема која или застарела од изминатите 10 и повеќе години или опрема која не сме ја поседувале. ЈЗУ У ГАК во моментот располага со доволно ресурси за нормално функционирање и во најкус можен рок ќе ја надмине новонастанатата состојба, додаваат од Клиниката за гинекологија.

Back To Top