skip to Main Content

Трговија со влијание е кривично дело кое тешко се открива

Трговија со влијание е кривично дело кое тешко се открива
  • 18.07.2019

Трговијата со влијание е вид на корупција, која иако е криминализирана, многу малку  е позната меѓу НВО, медиумите  кои се бават со проблемот на корупција, но и за пошироката јавност.Наспроти овој факт, треба да се нотира дека трговијата со влијание не е нешто ново во дебатата за корупција.Негативниот импакт од овој феномен врз владеење на правото и човековите права, беше препознаено од меѓународните организации и го најде своето место во главните меѓународни конвенции против корупција, кои побараа од земјите членки да го криминализират ова незаконско делување.

Конвенцијата на Обединетите нации за борба против корупцијата, во член 18, пропишува дека “ барање или прифаќање од страна на службено лице, или некое друго лице, директно или индиректно, на неприкладна погодност за себе или за некое друго лице со цел службеното лице или друго лице, да го злоупотреби неговото реално или претпоставено влијание заради стекнување неприкладна погодност(бенефиција) од државните или јавни службеници. “

Конвенцијата на ООН ги задолжува сите земји- членки кои ја потпишале и  ратификувале  да усвојат легислатива и други мерки кои може да бидат неопходни со кои трговијата со влијание ќе се предвиде како кривично дело, кога се извршува со намера.

-. Кривичното дело-трговија со влијание е вклучено  и во Казнената конвенција за корупција на Советот на Европа од 1999 година.Главната цел на Конвенцијата е да развива стандарди кои опфаќат неколку кривични дела, иако не се нуди унифицирана  дефиниција за корупција. Хармонизирањето на дефинициите за специфични коруптивни  акти според оваа Конвенција,има за цел да ги спроведе барањата за двоен криминалитет.

Казнената конвенција за корупција на Советот на Европа во член 12, трговијата со влијание ја дефинира  како“ намерно ветување за давање, или давање директно или индиректно, на неприкладна погодност (бенефиција) на лице кое изјавува или потврдува дека е во состојба да изврши непристојно влијание врз некое лице за донесување одлука, без оглед дали несоодветната погодност е за него, или за некое друго лице, како и барање, примање или прифаќање на понуда или ветување за таква погодност, во врска со таквото влијание, без оглед дали влијанието е извршено,или претпоставеното влијание води кон посакуваниот исход.“

Конвенцијата на Советот на Европа е ратификувана од 43 земји членки. Меѓутоа,  наспроти обврската која произлегува од оваа Конвенција за земјите-членки да ги инкорпорираат овие кривични дела во домашното законодавство, една четвртина од овие земји ставија резерва за воведување на кривичното дело-трговија со влијание.Ова наиде на остра критика од страна на ГРЕКО( група на земји за борба против корупцијата) при Советот на Европа,кој врши мониторинг дали земјите-членки го усогласиле домашното законодавство со стандардите на Советот на Европа за анти-корупција и дали ги имплементират неговите препораки на задоволителен  начин.

Државите кои не ја криминализирале трговијата со влијание согласно Конвенцијата на Советот на Европа, или кои  го искористија правото на ставање резерва,  ваквата одлука ја оправдуват со фактот што овој документ не нуди чиста, солидна и ефикасна дефиниција на ова незаконско делување, дека останува нејасно  дали ваквата активност може во одредени ситуации да се третира како легално или нелегално влијание, што дополнително ги зајакнува нивните верувања за резерва на овој член од Конвенцијта. Многу држави од друга страна, се обидуват да се справат со овој феномен преку криминализација  на ваквото незаконско делување преку други кривични дела како што е поткупот.

– Република Македонија кривичното дело-трговија со влијание го предвиде во Кривичниот законик ( член 358-а) како “Давање награда за противзаконито влијание“.

Трговијата со влијание во овој член е дефинирана како ситуација кога:“ лице кое на друг директно или индиректно ќе му даде награда, подарок или друга корист или ветување или понуда за таква корист, за него или за трето лице, за да со искористување на своето реално или претпоставено влијание, службена или општествена положба и углед, бара, интервенира, поттикнува или на друг начин влијае да се изврши определено службено дејствие што би морало да се изврши, или да не изврши службено дејствие што не би смеело да се изврши,“ за што ќе се казни со затвор од една до три години.

Построга казна( од една до пет години затвор) е предвидена за лице кое-“ наградата, подарокот или другата корист, ветувањето или понудата за таква корист, директно или индиректно, ќе ги даде на друг за да со искористување на своето реално или претпоставено влијание, службена или општествена положба и углед, бара, интервенира, поттикнува или на друг начин влијае да се изврши службено дејствие што не би смеело да се изврши, или да не се изврши службено дејствие што би морало да се изврши“,  Доколку пак, делото  е сторено во врска со покренување или водење кривична постапка против определено лице, е предвидена казна затвор од три до пет години.

 Кривичното дело“Примање награда за противзаконито влијание“, предвидено во член 359 од КЗ е дефинирано како активност кога лице- “директно или индиректно ќе прими награда, подарок или друга корист или ветување или понуда за таква корист за себе или за трето лице, за да со искористување на своето реално или претпоставено влијание, службена или општествена положба и углед, бара, интервенира, поттикнува или на друг начин влијае да се изврши службено дејствие што морало да се изврши, или да не се изврши што не смеело да се изврши“. За ова дело е  предвидена казна  затвор од една до три години,а доколку делото е сторено во врска со покренување или водење кривична постапка против определено лице е предвидена казна затвор од една до пет години.

Текстот е преземен од правдико.мк и во целост може да го прочитате тука

Back To Top