skip to Main Content

„Титаник 2“: Стефановска не се сеќавала како гласала, ама заради авторитетот и угледот смета дека не треба да одговара

„Титаник 2“: Стефановска не се сеќавала како гласала, ама заради авторитетот и угледот смета дека не треба да одговара
  • 28.02.2019

Анета Стефановска, една од обвинетите во случајот „Титаник 2“, како член на Државната изборна комисија (ДИК) денеска го даде својот завршен збор. Додека зборуваше дека работела секогаш по закон и лично убедување, Стефановска во еден момент се вознемири и се расплака.

-Во мојата работна кариера немало ниту една грешка. Затоа не знам зошто суд денес тука. Тоа гласање не оставило некаков впечаток, дури и не се сеќавам како сум гласала, бидејќи секогаш сум гласала по закон и по сопствено убедување. Еве тука се сите, нека каже некој дали ми влијаел како да гласам, рече Стефановска.

Таа продолжи да го убедува судот дека не сторила ништо погрешно.

-Важам за достојна личност, имам голем углед и авторитет. Многу ми е срам што сум тука без ниту една причина. Ова негативно влијае врз моето здравје, рече обвинетата, која додаде дека е професионалец, но и дека и денес да треба да гласа, исто пак би гласала.

-Мојот глас е кревање на рака кое не претставува одлука. Можеби другите немало да гласаат. Иако СЈО тврди дека сме се договарале, тоа не е точно. Не знам зошто одговарам за мое дискреционо право кое го поткрепувам со закон, рече Стефановска.

Таа истакна дека иако била избрана по предлог на ВМРО-ДПМНЕ, сепак работела професионално. Таа им порача на обвинителите и на судиите да се распрашаат каква личност била, дека сите ја ценеле и ја поздравувале во Битола. На крајот,  побара ослободителна пресуда.

Предметот  „Титаник 2“ се однесува на изборни нерегуларности на локалните избори во 2013 година, а обвинети се лидерот на ДПА Мендух Тачи, поранешниот директор на УБК Сашо Мијаков, како и поранешните членови на ДИК Бедредин Ибраими, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев.

Според прислушуваните разговори што ги објави СДСМ, а кои се прифатени како докази во судската постапка, Мијалков и Тачи се договарале за гласање на членови на ДИК во однос на поднесени приговори за Струмица.
Back To Top