skip to Main Content

Теменугова: Медиумската писменост главен лек во борбата против лажните вести

Теменугова: Медиумската писменост главен лек во борбата против лажните вести
  • 26.04.2019

Првата и основа лекција која треба да ја имаме сите како граѓани е да бидеме што е можно повеќе медиумски писмени. Тоа е главниот лек за борбата против дезинформациите, вели за МИА Александра Теменугова од Институтот за комуникациски студии, со која разговаравме за влијанието на т.н лажни вести во изборниот период.

Таа не претпочита да го користи терминот лажни вести, бидејќи, како што објаснува, не може да биде нешто лажна вест. Вест сама по себе подразбира информација која што е проверена, потврдена од неколку независни извори и која што е коректно напишана  и ги содржи повеќето страни што се засегнати со таа информација.  Го употребува терминот дезинформација, а во тој контекст ги посочува и термините како што се шпекулација, пропагандни техники, непотврдени информации, дезинформации, полувистини. Сите тие термини, вели, постоеле и претходно, меѓутоа, сега, со појавата на социјалните медиуми и напливот, изложеноста, добиваат на интензитет особено со кампањата во САД, па овој термин успеа да се одомаќини овде.

Во изборната кампања гласачите се изложени на многу информации пласирани, пред се, од политичките партии.  Во таков амбиент, посочува Теменугова, нормално е гласачите да умеат да препознаат кои информации се веродостојни и релевантни за нив за да можат да донесат правилна и информирана одлука за да гласаат на денот на изборите.

Тука, како што објаснува Теменугова, се клучни два мемента, првиот е агендата на политичките партии како ги тарегетираат своите гласачи за да можат да ја испратат пораката што сакаат да стигне до нив,  а вториот обуката, вештините, знаењето кои ги имаат гласачите за да можат да препознаат која е скриената порака што политичарите сакаат да им ја пренесат.

Во првиот момент, укажува, многу е битно да знаеме на кој начин политичките партии го профилираат однесувањето на своите гласачи, значи кои техники ги користат за да може да ја испратат таа порака, особено ако го имаме предвид моментот на неодамнешните афери коишто се уште го тресат светот, и она што се случува не само кај нас, како и изборите што треба да се случат годинава во Европскиот Парламент.

Не случајно, како што вели, европските институции укажаа дека политичките партии мора да бидат транспарентни и отчетни во собирањето на податоците, пред се, на личните податоци и укажување за тие сензитивни и многу софистицирани техники на собирање на податоци коишто се однесуваат и на приватноста на гласачите. Не случајно и нашата Дирекција за заштита на личните податоци се повика на препораките на европските институции во оваа насока каде што е неопходно да имаме поголема транспарентност на кој начин се жнеат информациите за однесувањето и навиките, пред се, на корисниците на социјалните мрежи.

– Очекуваме поголема транспарентност од страна на политичките партии во собирањето на податоците, бидејќи уште во кампањата за првиот изборен круг имавме шпекулации и обвинувања за одредени политички партии,  кои укажаа дека одредени политички субјекти ги собираат тие податоци. Веќе влегуваме во кампањата за вториот изборен круг, меѓутоа, посочува, немаме сериозни информации коишто укажаа на кој начин се собираат овие информации, вели Теменугова.

Како што наведува Теменугова, медиумската писменост сама по себе подразбира вештина за да може да се дојде до одредена информација, истата критички да се перципира, да се изанализира и врз основа на нашата субјективна анализа да донесеме одреден став за таа информација. Медиумската писменост подразбира и знаење и вештини како да се искористат медиумите за да се биде активен граѓанин во општеството.

За медиумската писменост, според неа, не може да биде одговорен само еден субјект и не може да се префрла вината само на една институција и само на група граѓани.  Тоа, смета таа,  треба да биде голема иницијатива која што треба да биде поддржана од повеќе институции, граѓани – граѓански сектор за да имаме што е можно повеќе медиумски писмена публика.

Теменугова потсетува дека прво и основно правило како да се препознаат лажните вести е да се внимава во конструкцијата на насловот. Да внимава дали повикува на одредена акција, дали повикува на некое чувство кое што предизвикува вознемиреност, страв, паника кај населението. Не случајно, посочува, вестите со вакви наслови многу брзо се шират.

– Кога ќе се наиде на вест со предизвикувачки наслов, којшто пак придонесува да кликнете на него за да се дознае повеќе за таа информација треба да се види нејзината конструкцијата. Треба да се види дали е еднострано напишана, дали во неа недостасува некој извор којшто мислите дека би имал исклучително влијание за да се дознае целокупната вистина ако можеме така да кажеме на таа информација, дали нешто е намерно пропуштено во неа, видите дали е еднострано обработена, дали мислите дека во оваа информација јасно е наведен авторот на таа информација, кој ни ја соопштува оваа информација. Запрашајте се со која цел,  односно зошто оваа порака, оваа информација стигнува до мене – дали за да купам нешто, дали за да гласам за некого, дали да појдам некаде. Значи, сите овие информации имаат една заедничка цел од различна природа – да предизвикаат акција кај оној што ја чита оваа информација, наведува Теменугова.

Последното истражувањето на Институтот за комуникациски студии покажува дека се уште примарен извор за информирање во државава е телевизијата, за 59,3 проценти од испитаниците, додека преку социјалните медиуми се информираат околу една четвртина од испитаниците (27,4 процент).

Подготвеноста на публиката за критички однос кон информациите што ги чита на социјалните мрежи, како што наведува Теменува, може да се види во разочарувачкиот заклучок од истражувањето дека само четвртина од корисниците на социјалните медиуми ги проверуваат изворите на информацијата.

·         Имаме сериозна една петтина од корисниците на социјалните мрежи каде што велат дека никогаш не го проверуваат изворот на веста. Скоро една третина велат дека понекогаш ги проверуваат изворите на веста,  тоа ретко го прават 24 проценти, а изворот секогаш го проверуваат 26 проценти од испитаниците.  Сублимирано кажано една четвртина од корисниците на социјалните мрежи секогаш го проверуваат изворот на веста. Мислам дека ова е сериозен индикатор којшто ја покажува спремноста на нашата публика за тоа дали има критичен однос кон информациите што ги чита на социјалните мрежи, наведе Теменугова.

Преку социјалните медиуми, најмногу се следат активностите на пејачите и актерите, по кои следат спортистите и уметниците, а најмалку се следени политичарите,  односно само 17 проценти од испитаниците.

Скоро половина од испитаниците (48,7 проценти) рекле дека при информирањето следат политика, по која следат забава со 39,1 процент,  а новости од економијата следат речиси третина од испитаниците.

Младите  од 15 до 34 години најчесто ги интересираат вестите за забава, а политика најчесто следат испитаниците постари од 35 години. Со изјавата „Важно ми е мислењето кое го споделуваат јавните личности кои ги следам на социјалните мрежи” скоро половина од испитаниците (46%) донекаде се согласуваат.  Седумдесет и еден процент процент од младите од 15 до 24 години се согласуваат со оваа изјава. Најбројни се младите во Скопскиот регион, три четвртини од испитаниците, кои најмногу се согласуваат со таа изјава.

Back To Top