skip to Main Content

Тема на Студио 1 – Дали сегашните услови за живот во студентските домови се достојни за живот?

Тема на Студио 1 – Дали сегашните услови за живот во студентските домови се достојни за живот?
  • 25.04.2018

Колку е човечки достоинствено да се живее и учи во неподносливите услови во студентските домови, често без топла вода и греење во зимски услови?

Гостинот во денешното издание на Студио 1 на 1ТВ, Дарио Николовски, директор на Студентските домови Скопје, најавува проекти што ќе ги подобрат условите за престој во студентските домови.

Гледајќи ја видео сторијата на 1ТВ, Николовски се согласува дека условите за живот во студентските домови се катастрофални.

Николовски ја презел директорската позиција во Студентските домови пред 2 месеци, и под негова ингеренција се студентските домови „Стив Наумов“, „Кузман Јосифовски-Питу“, „Гоце Делчев“ и домот за студентите по медицина „Невена Георгиева-Дуња“. Домот „Невена Георгиева-Дуња“, популарниот Медицинар, е целосно нефункционален и е вон употреба од 2014 година.

-Затекнатиот долг што го имаат скопските студентски домови изнесува 5 милиони евра. Со години наназад во студентските домови е вложувано многу малку, и се работело недомаќински, вели Николовски.

Кои се приоритетите во однос на подобрување на условите во студентските домови? Николовски вели дека бившата власт за период од 10 години реконструирала само половина од студентскиот дом „Гоце Делчев“. Студентските домови Скопје, во содејство во Владата и Министерството за образование и наука, имаат испланирано буџет од 4,3 ,милиони евраа за 2018 година, наменет токму за подобрување на условите во студентските домови.

Николовски наведува дека овие средства се наменети за реконструкција на мензата во домот „Гоце Делчев“, партерното уредување околу него, а потоа би следувало реконструкција на зградите 1,2 и 3 на домот „Стив Наумов“. Токму во „Стив Наумов“ неодамна се појавија и змии, што уште повеќе ја потенцира скандалозната состојба на овој студентски дом.

Николовски вели дека деновиве се потпишани меморандуми со општините Гази Баба и Центар за соработка во одржувањето на дворовите на студентските домови што се на нивна територија, за да не се повторуваат ваквите немили сцени.

Во „Кузман Јосифовски-Питу“ и останатите студентски домови е направена анкета, со цел студентите самите да ги определат приоритетите.

-Откако ќе се направи анализа, ќе тргнеме во решавање на најголемите проблеми, вели Николовски, нагласувајќи дека вратата на неговата канцеларија е отворена за студентите.

Директорот потенцира дека партиските книшки веќе нема да бидат критериум за добивање легло во студентски дом. Потоа, Николовски ветува дека нема да се случи да нема топла вода, како и дека греењето в зима ќе биде регулирано. Исто така, досегашниот долг е намален за 35 милиони денари.

-Наследениот долг од 5 милиони евра може да го доведе во опасност функционирањето на студентските домови, но ветувам дека ќе се грижиме за секој денар. Владата во октомври и декември одвои над 30 милиони денари за да се покријат обврските кон јавните претпријатија и домашните компании, набројува Николовски, апелирајќи и за поголема општествена одговорност на компаниите.

Буџетот за функционирањето на студентските домови во наредните три години ќе биде зголемен и ќе изнесува 15,7 милиони евра.

-Стои нашето ветување за изградба на нов студентски дом и наскоро ќе излеземе во јавноста со подетални податоци и рокови, заврши Николовски.

Back To Top