skip to Main Content

Тага и неверување кај колегите актери и политичари по ненадејната смрт на Билјана Беличанец (ВИДЕО)

Тага и неверување кај колегите актери и политичари по ненадејната смрт на Билјана Беличанец (ВИДЕО)
  • 07.04.2019

Драмските уметници се простуваат од нивната доскорешна колешка Билјана Беличанец. Ненадејната смрт на актерката ја шокираше фелата, но и јавноста, откако доцна синоќа безживотното тело ѝ беше пронајдено во нејзиниот дом. Нејзиниот колега Сашо Тасевски, вели дека македонската сцена загубила врвен уметник, опишувајќи колкава била нејзината љубов кон театарот и сцената.

Сочуство за прерано починатата актерка и поранешна градоначалничка упатија голем дел од нејзините колеги – актери.

„Се надевам дека сега си на подобро место… Се надевам дека таму нема да си изневерена од никого… Се надевам дека таму ќе си прегрната од љубов која овде ти недостигаше… Толку многу даде, а уште колку многу остана…. Тешко и за неверување маме. Ти благодарам за СЕ! Почивај во мир Билјана Беличанец“ – напиша Јелена Јованова.

„Билјана Беличанец. Ретка билка со раскошен талент за цветање. Можеше да даде уште многу цутови. И сакаше. А не напушти на најтрагичниот од сите можни начини. Како вистинска античка хероина. Вечна пролет за неа и за нејзиниот редок и убав цвет“ – напиша Васил Зафирчев.

„Почивај во мир драга Беличанец, во вечноста пронајди го тоа што овде не можеше…бескрајно ќе ни недостасуваш…“ – порача Јелена Жугиќ.

„Билјана Беличанец беше мојот Петар Пан. Полетна како никој од нашата бранша, леташе високо со своите улоги и оддаваше цврстина на маж, но беше кревка, како кокиче. Замина во Недојдија…“ – напиша Драган Спасов Дац.

„Почивај во мир…Светло и мирно небо ѕвездо…“ – порача Владанка Димковска.

Се збогуваа и нејзините колеги од политичкиот живот. Унијата на жени на ВМРО- ДПМНЕ, матичната партија на Беличанец, упати телеграма со сочуство до семејството на актерката.

„Билјана Беличанец беше член на ИК на УЖ на ВМРО-ДПМНЕ, жена градоначалник, беспрекорен работник, полна со љубов и разбирање. Но пред се беше, брилијантен актер, мајка и сопруга. Ќе ни недостасуваш Билјана. Почивај во мир. Сочувство до семејството“ – напишаа оттаму.

„Се бореше со огромна енергија за секој дел од Кисела Вода да направиш нешто подобро. Твоите барања кон градот и кон мене беа со љубезност, молба и желба за подобра општина. Јас, насмевка и среќата успевав да ти изнудам на секоја средба и за секој проект што го направивме за Кисела Вода. Ќе ни недостигаш. Најди мир во вечноста Биле“ – напиша Коце Трајановски

„Вредна,посветена,одговорна! Се гордеам што те познавав! Но, зошто Билјанче мораше вака….“ – прашува Даниела Рангелова.

Во официјалното полициско соопштение, пишува дека актерката посегнала по својот живот, а безживотното тело го пронашол сопругот, кој случајот го пријавил во МВР.

„На 06.04.2019 г.околу 22,30 часот,во ПС Центар С. М. пријавил дека на ул.„Истарска“ во неговиот стан ја пронашол неговата сопруга Б.Б.А. (45) од Скопје, која си го одзела животот со бесење. Од страна на Итна медицинска помош е констатирана смрт“

Увид извршил надлежен јавен обвинител со екипи на МВР и лекари по судска медицина, а според првичните сознанија, немало траги на насилство.

„Телото на починатата е предадено за обдукција, а јавниот обвинител издаде и наредба за вештачење на трагите подигнати и обезбедени на лице место“ – велат од ОЈО.

Беличанец беше градоначалничка на скопската општина Кисела Вода од 2013 до 2017, а како актерка зад себе има низа улоги во повеќе телевизиски и сценски проекти, додека пак нејзиниот глас стана препознатлив и по синхронизација на турските серии. Во ‘94 година дипломирала како најмлад актер на Факултетот за драмски уметности, аистата година се вработила во Народниот театар „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Од ‘97 година работеше на сцената на Драмскиот театар во Скопје, се до почетокот на нејзиниот мандат во Општина Кисела Вода.

Христијан Баневски

Back To Top