skip to Main Content

Судот изрече 6 години затвор за Јанкулоска во случајот „Тенк“

Судот изрече 6 години затвор за Јанкулоска во случајот „Тенк“
  • 08.10.2018

Шест години казна затвор одреди судот за Гордана Јанкулоска, поранешната министерка за внатрешни работи, како обвинета во случајот „Тенк“, односно за набавката на „мерцедесот“ од 580.000 евра.

Специјалната обвинителка Фатиме Фетаи побара дополнителна мерка за претпазливост – домашен притвор, односно забрана да го напушти Скопје, поради постоење опасност од бегство и криење.

Како што рече таа, согласно висината на казната има основа СЈО да бара и мерка притвор, но не ја бара оваа мерка со оглед на семејната ситуација, односно фактот што има бебе кое не е виновно за постапките на родителот.

Одбраната сметаше дека предлогот на СЈО е неоснован бидејќи доколку сакала обвинетата да се даде во бегство тоа ќе го стоела одамна, а не сега во оваа фаза на постапката и потсети дека Јанкулоска уредно се јавувала во судот.

Пресудата денеска во Кривичниот суд ја соопшти судијката Добрила Кацарска, која истакна дека Јанкулоска е виновна за злоупотреба на службената положба и овластување. Поточно, како што рече судијката, Јанкулоска му ја исполнила желбата на тогашниот премиер Никола Груевски и МВР го набавил мерцедесот кој тој претходно го избрал, при што била нарушена и тендерската постапка, бидејќи бил фаворизиран еден економски оператор.

Јанкулоска за одлуката ќе се информира од медиумите или од своите адвокати, бидејќи одлучи да не присустува на објавата. Во моментов таа е во Кривичниот суд, но во друга судница каде што им се суди на обвинетите во случајот “Таргет и Тврдина”, каде што е исто така обвинета.

Во „Тенк“ претходно беа осудени поранешниот премиер Никола Груевски на две години казна затвор и поранешниот помошник министер во МВР, Ѓоко Поповски на 6,6 години затвор, за набавка на блиндирано моторно возило „Мерцедес С 600 Гард“ во вредност од 600 илјади евра. Двајцата се жалеа до Апелацискиот суд за висината на казните.

Апелација во петокот соопшти дека жалбата на Груевски е отфрлена и му ја потврди затворската казна од две години. На Поповски, пак, пресудата му е преиначена на четири и пол години затвор

Back To Top