skip to Main Content

Стојаноски: Охрид подготвува долгорочна стратегија за успешен туризам

Стојаноски: Охрид подготвува долгорочна стратегија за успешен туризам
  • 30.07.2018

Уште е рано да се сумира летната туристичка сезона во Охрид, но градоначалникот Јован Стојаноски вели дека за сега изгледа добро, а врвот го очекува во август, благодарение на богатата културна понуда. Градот, кој е најзадолжена општина во Македонија, не инкасира директно од туризмот, но затоа хотелските и приватните капацитети се полни и Охриѓани се задоволни, објаснува тој.

-Финансиските обврски на општината се жива материја којашто постојано се менува, но отворени сме за сите што сакаат да склучат спогодби или се подготвени да се откажат од дел од своите побарувања, да бидат ставени на приоритетната листа, а веќе над 2 милиони евра се исплатени од старите обврски, врз основа на склучените договори со доверителите, изјави Стојаноски.

Тој објаснува дека Центарот за спасување на планина и во езеро, финансиран од европски пари, ќе ја збогати понудата во однос на авантуристичкиот туризам.

-За успешна туристичка сезона треба да се работи на долг рок. Охрид отсекогаш бил третиран како значајна туристичка дестинација и мора да има стратегија, каква што веќе се изработува и којашто ќе биде завршена наредната година, заедно со други стратешки планови, вели Стојаноски.

Локалната самоуправа ги следи инфраструктурните сегменти и се прилагодива на препораките од Законот за управување со охридскиот регион, објасни тој и додава дека за мораториумот за градба било разговарано со еко-активистите кои протестираат за заштита на езерото.

-Строг мораториум со којшто не би се знаело што ќе се прави и на што ќе се однесува дефинитивно не е прифатлив за локалната самоуправа, но регулирање и јасно зацртување на параметрите во кој правец треба да се движи урбанистичкото планирање и е потребен на општина Охрид, вели градоначалникот.

За објавите на медиумите дека средства од општината биле пренаменети за концерти, Стојаноски вели дека всушност локалната самоуправа не ги пренаменила средствата, туку со заштедите од тендерите за инфраструктурните проекти првпат поддржала поддржани музички настани за време на летната сезона.

Back To Top