skip to Main Content

Сторија на 1ТВ: Потресната животна приказна на Снежана Караџовска – две години врзана за инвалидска количка, со болки и без помош од државата (Видео)

Сторија на 1ТВ: Потресната животна приказна на Снежана Караџовска – две години врзана за инвалидска количка, со болки и без помош од државата (Видео)
  • 02.11.2018

Дали македонското општество потфрла во прифаќањето на лицата со посебни потреби? Одговорот на ова прашање за жал е потврден во животната приказна на Снежана Караџовска, скопјанката која пред две години ги загуби двете нозе во страшната сообраќајна несреќа во Турција при судир на туристички автобус од Македонија со камион што превезувал јаглен, а таа несреќа и ја промени судбината.

Живее на трети кат без лифт во зграда, има константни болки и без потребните финансии за операција, со изгубена доверба во државата и институциите. Ова е суровата реалност со која се соочува Караџовска како лице со тежок телесен инвалидитет. Раскажувајќи ја својата приказна за 1ТВ и борбата со секојдневните проблеми како е да си врзан за инвалидска количка веќе 2 години, Снежана ќе каже:

-Страшно е да си мајка, родител, да немаш две нозе над колена и да бараш помош од државата која ти следува. Излегува дека треба да имате грижа на совест само заради тоа што сакате да одите. Многу работи во државата излегува дека се поважни од вас, со тага раскажува Снежана.

Караџовска се уште ги чека парите од осигурителната компанија „Еуроинс“ и во моментов има два судски спора против нив. Вели дека оттаму постојано наоѓаат изговори само за да не ги дадат парите кои и следуваат од патничкото осигурување. Две години трае и битката со неажурноста на институциите за една сообраќака од која има тешки последици. Таа е дополнително револтирана што со две ампутирани нозе над колената не успеала да добие трајна инвалидска пензија, со оправдување од комисијата дека е работоспособна.

Снежана сега надежта ја гледа од веста што ја добила дека конечно се прават одредени напори од Министерството за труд и социјална политика за измени во законот за ортопедски помагала, но според неа проблемот во здравството е наследен…. Она што е жалосно во Македонија објасува таа, е дека дури и да ви ги поклонат најдобрите протези, кај нас нема соодветна обука како тие да се користат.

За нејзината иднина бара две опции, операции кои се изведуваат во странство, а за кои и се потребни многу пари. Итно има потреба од модерни протези со микропроцесор кои чинат околу 57 илјади евра, но нејзина желба е да направи „осеоинтеграција“ – операција со вградување на импланти во коските на кои се става протеза. Зафат кој сака да го направи во болница во Холандија и чини околу 52 илјади евра, со кој верува дека еден ден, повторно ќе може да застане на нозе и да фунционира нормално. Сепак, Снежана раскажува дека проблемот за потребната операција е на чекање во Фондот за здравство, но и после толку време и напори, потврден одговор нема.

Трошоците од ден во ден се огромни од секој аспект во тешкиот случај на Караџовска. Две години сама плаќа приватен физиотерапевт, затоа што законски и следува само два пати годишно. Прашува зошто рехабилитацијата според законот за физикална терапија за сите случаи со повреди или инвалидитет трае исто, односно само 21 ден? Не е исто да скршиш рака, да немаш една нога или да ти се ампутирани двете нозе над колена, раскажува Караџовска.

Дополнителен проблем во секојдневието на Снежана претставува тоа што ретко може да го напушти својот дом. Освен што нема лифт и за лица со хендикеп во зградата во која што живее во Карпош, ретко каде во главниот град има приспособени рампи во објектите, институциите, па и болниците за нормално движење на лицата со инвалидност. Но, голем проблем според неа е и недоволно развиената свест и огромните предрасуди во општеството за лицата со посебни потреби. Потребно е што повеќе едукација на децата уште од мали и подобрување на образованието, смета таа.

Долго траат и напорите на семејството Караџовски за обезбедување на надворешен лифт во нивната зграда. Од општина Карпош чиј жител е Снежана добила само две илјади евра за барањето за лифт кој реално чини 14.ооо евра, според понудата што ја добила од изведувачот. Останатите ќе мора да ги собира сама, а приоритет и е операцијата. Она што и е потребно од општината е обезбедување на социјален работник кој ќе го олесни процесот и целата процедура за поставување на лифтот во нејзината зграда.

Потресната животна приказна Снежана Караџовска ја завршува со апел за помош, бидејќи како што вели не може повеќе да чека и да живее во болка. „

Не е грев затоа што сакам да одам и тоа да се случи во најскоро време“, порачува таа. Останува храбра и одлучна во своите напори – повторно да прооди, а инвалидската количка да остане само лош спомен.

Број на жиро сметка за донации: 210-0466453101-19 – Снежана Караџовска

НЛБ АД Скопје 

Јана Јосифоска

Back To Top