skip to Main Content

Стејт департмент – Неказнивоста останува проблем во Македонија

Стејт департмент – Неказнивоста останува проблем во Македонија
  • 21.04.2018

Стејт департментот го објави извештајот за човекови права за 2017-та година. Во него е документиран статусот на човековите права и правата на работниците, во речиси 200 земји и територии. Извештајот не вклучува споредби или рангирања на земјите кои се проучувани.

Во делот за Македонија, е споменат инцидентот во Собранието на 27-ми април и дека според медиумските извештаи, припадници на Министерството за внатрешни работи, им помогнале на демонстрантите да упаднат во парламентарната зграда, а со тоа не успеале да се придржуваат на својата должност и да ги заштитат законодавците. Министерството, се додава во документот, ги казни одговорните за потфрлување за извршување на работните обврски и отпушти осум полицајци.

Најголемите прашања за човековите права, се поврзуваат со извештаите за тортура од страна на вработени во затворите, мешање во приватноста, насилство против новинари, недостиг на независно судство, корупција и прекршување на правата на лицата од ЛГБТИ заедницата.

Владата, се вели во извештајот на американскиот Стејт департмент, презела одредени чекори за да спроведе истрага, да поведе судски постапки и да ги казни извршителите на делата, вклучувајќи и припадници на полицијата, обвинети за прекумерна употреба на сила. Сепак, “неказнивоста и натаму е широко распространет проблем”. Понатаму во извештајот, се споменати и дел од активностите на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) за периодот помеѓу 15-ти април и 15-ти септември. Обвинителството, се додава во документот, работи на истраги за наводна корупција во Македонија меѓу 2008-ма и 2015-та година.

Back To Top