skip to Main Content

Стефанова: Од самиот старт се оградувам од Јанева

Стефанова: Од самиот старт се оградувам од Јанева
  • 23.08.2019

Специјалното јавно обвинителство во овој момент се наоѓа во една од најтешките состојби од своето основање и затоа апелирам политичарите и сите чинители во државата да седнат и да го донесат Законот за Јавно обвинителство за да немаме прекини на постапките, изјави денеска обвинителка Лиле Стефанова.

Посочи дека имаат сериозни истраги и дека со неносењето на законот и немањето на овластување и поставувањето на прашањето дали имаат овластување, му даваат огромен простор на криминалот.

Во однос на тоа дека шефот на СЈО Катица Јанева е осомничен за криминал, Стефанова нагласи дека шефот е осомничен за криминал од пред два дена, така што работата во институција со осомничен шеф за криминал не постои.

– Денеска гледаме расчистување со криминалот и треба да бидеме горди со тоа, па дали ни бил шеф, колега или пријател, воопшто не е важно, изјави Стефанова.

Прашана дали се оградува од Катица Јанева, Стефанова, рече дека никој пат ниту се приближила.

– Јас никој пат не сум и се приближила на Катица, од самиот старт се оградувам, истакна Јанева.

Прашана дали е можно назначување на в.д. шеф на СЈО, Стефанова рече дека Законот за ЈО, кој важи доколку некои одредби не се веќе определени со Законот за СЈО, има повеќе решенија.

– Има решение за поставување на вршители на должност, решение за поставување на обвинител кој го заменува отсутниот или спречениот јавен обвинител. Сепак, тоа се ингеренции на Советот на јавни обвинители и да го оставиме да си донесе одлука. Како што разбрав, веќе се во процедура и ќе видиме што ќе донесат, изјави Стефанова.

Во однос на тоа дали се гледа како иден шеф на СЈО, Стефанова рече дека ниту се гледа, ниту пак има намера да конкурира за шеф на СЈО.

Како што рече, истрагата за случајот „Империја“ застана по донесувањето на начелното правно мислење и затоа е потребно што побрзо донесување на Законот за јавно обвинителство.

– Нема друго решение. Само новите одредби кои ќе го вклопат СЈО и ќе му дадат право на редовното Јавно обвинителство да ги презема сите дејствија и во овие предмети, истакна Стефанова.

Прашана дали се следи имотот на Камчев и дали има одмрзнувања, Стефанова, нагласи дека се е замрзнато и ништо не одмрзнато.

– Имаме известувања за сите дејствија кои ги презема Јордан Камчев, како претходно управител и член на управен одбор и преземаме законски дејствија кои можеме да ги преземаме во овој момент, изјави Стефанова.

Во однос на информациите дека Камчев е во соседна Бугарија, Стефанова, кажа дека нема овластување да побара каде е Јордан Камчев и повторно побара побрзо носење на Закон за јавно обвинителство.

– Во овој момент редовното јавно обвинителство не може да преземе ништо во дејствијата од предметите на СЈО. Таков е законот, изјави Стефанова.

Прашана дали со притворот на Катица Јанева постои можност да паднат сите предмети на СЈО, Стефанова, рече дека не постои таква можност.

– Предметите ги работеа десет јавни обвинители и верувам дека се сите работени како што е потребно, изјави Стефанова.

Нагласи дека немало спогодба за случајот „Империја“ бидејќи не се донела таква одлука, но имало намера да има спогодба.

Јавната обвинителка смета дека има овластување да ја води постапката по предметот „Титаник“, но и дека треба сериозно да се погледнат укажувањата на одбраната изнесени на денешното рочиште.

Стефанова, по одложувањето на денешното рочиште за случајот „Титаник“ на СЈО, каде таа е застапник на обинението, посочи дека одбраната не побарала изземање на неа или на Катица Јанева, туку изнела повеќе околности заради кои бара прекинување на расправата.

– Сметам дека сите тие укажувања треба сериозно да се размислат и да ги погледнеме. Колегиумот на јавни обвинители во СЈО да ги разгледа и да донесеме заеднички заклучок како понатаму ќе постапуваме. Денеска не беше побарано мое изземање. Не беше побарано изземање на Катица Јанева, туку беше побарано прекин на постапката, изјави Стефанова.

Прашана дали обвинителката Елизабета Јосифовска има право да ја менува Катица Јанева, Стефанова, рече дека таа нема такви права.

– Во судница нагласив. Јас лично сметам дека имам овластување да ја водам постапката и денеска да постапувам, меѓутоа сакам да дадам простор да размислиме убаво и да видиме што понатаму, изјави Стефанова.

Back To Top