skip to Main Content

Средба Џафери-Џонсон: Собранието има легитимитет да го води и заокружи процесот по референдумот

Средба Џафери-Џонсон: Собранието има легитимитет да го води и заокружи процесот по референдумот
  • 09.09.2018

Претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери, денеска го прими Рон Џонсон, сенатор на Соединетите Американски Држави.

Високиот гостин истакна дека е дојден во Македонија да ја пренесе и да ја потврди поддршката што САД ја даваат на нашата држава за надминување на последната пречка кон полноправното членство во НАТО, подвлекувајќи дека членството во НАТО ја гарантира безбедноста на Македонија, а со тоа се поттикнува растот на економијата, што всушност е и примарната цел. Тој, исто така, се заблагодари за досегашниот придонес на нашата земја во НАТО мисиите и за определбата за трошење на 2% од БДП за одбраната.

Џафери рече дека посетата на Џонсон е континуитет на поддршката од САД, и ја искористи пригодата да му се заблагодари за триесетгодишната помош и поддршка што САД ѝ ја даваат на Република Македонија. Тој, исто така, изрази благодарност и за позитивниот ангажман на Амбасадата на САД во нашата земја и на нивниот персонал на чело со Н.Е. Џес Бејли, во минатото и сега.

Претседателот Џафери зборуваше за активностите што Собранието ги има во врска со кампањата за референдумот и за начинот на нејзината реализација. Тој го информира гостинот дека Собранието има потполн легитимитет, како претставничко тело на граѓаните, имајќи ги предвид интересите на државата, да го води и заокружи процесот по референдумот, сè до зачленување во НАТО.

Тој  понатаму го увери високиот гостин дека Македонија е потполно свесна за тоа кои и се стратегиските партнери и стратешката цел на земјата, особено затоа што поддршката на граѓаните за членство во НАТО и ЕУ никогаш не билa под 70%, а најчесто и многу повеќе.

Back To Top