skip to Main Content

Во Виена започна средбата Димитров-Коѕијас, се очекуваат конкретни резултати

Во Виена започна средбата Димитров-Коѕијас, се очекуваат конкретни резултати
  • 25.04.2018

Големи се очекувањата од денешната средба која е во тек во Виена помеѓу министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас во посредство на медијаторот Метју Нимиц.

Дополнителниот товар доаѓа по изјавата на еврокомесарот Јоханес Хан, кој изјави дека е можно двете држави да го решат спорот со името за 15 дена.

По изјавата на Хан, различни беа и реакциите од Атна и Скопје. Премиерот Зоран Заев рече дека оптимизмот на Хан е добредојден, но не верува дека спорот би можел да се реши во наредните две недели.

Од друга страна, реакцијата од јужниот сосед кон Хан беше многу поостра, тврдејќи дека тој не ги разбира преговорите.

„Го повикуваме комесарот Хан да престане да дава погрешна слика за преговорите кои, како што се покажува, не ги разбира. Најмалку што може да направи е да престане да ги поткопува“, реагираше грчкото Министерство за надворешни работи.

Како што пренесуваат грчките медиуми, цитирајќи владини претставници, главниот спор во преговорите останува опсегот на употреба на името, бидејќи Атина инсистира на име за севкупна употреба и за сите, додека пак Македонија преферира решението да се употребува за меѓународна употреба, а уставното име да остане да се употребува внатре во државата.

Министрите последен пат се сретнаа на 12-ти овој месец во Охрид од каде истакнаа дека за првпат разговарале за временската рамка во преговорите и начинот на имплементирање на евентуалното решение.

Двајцата шефови на дипломатиите тогаш го потврдија напредокот во преговарачкиот процес, напоменувајќи дека останале најтешките прашања за решавање на спорот.

По денешната средба во Виена, Коѕијас утре ќе има средба со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во седиштето на Алијансата во Брисел.

На средбата, како што јавуваат грчките медиуми, Столтенберг и Коѕијас ќе разговараат за прашањето за името како и за грчко-турските односи.

Back To Top