skip to Main Content

Спасовски: Борбата против организираниот криминал и корупцијата ќе биде фокусот на МВР

Спасовски: Борбата против организираниот криминал и корупцијата ќе биде фокусот на МВР
  • 02.06.2019

Целта на спроведените и тековните реформи беше и е да ја вратиме довербата во институициите, но и да ги ослободиме и институциите и граѓаните од спрегите на полициската држава. Одлуката што ја донесовме на почетокот на мандатот на оваа Влада, а денес веќе е спроведена, е инструментите и механизмите кои ни стојат на располагање на извршување на нашите надлежности да се искористат исклучиво и единствено за целите на безбедноста и сигурноста на граѓаните и државата.

Ова го истакна вицепремиерот и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски во обраќањето на денешниот форум „Две години Влада – одговорно пред граѓаните.“

– Нашата опрделба е граѓаните да бидат заштитени и ослободени од притисок, а не контролирани и уценувани. Токму затоа и реформата на безбедносно-разузнавачките служби е утврдена како стратешка цел на Владата на РСМ која е клучна во ослободувањето на затекантата заробена држава, рече тој.

Реформата, посочи, ја започнавме во 2017 година со усвојување на пакетот закони за реформа на системот на следење на комуниакциите, кој беше изворот на политичктата криза и инструмент за владеење на режимот во минатото.

Во Извештајот на ЕК, посочи, е забележано дека Оперативно-техничката агенција функционира, а Собранието спроведува надзор над институциите кои се вклучени во системот на следење на комуникациите.

Следен чекор кој е особено значаен, нагласи, е реформата на безбедносно-разузнавачките служби, особено Управата за безбедност и контраразузнавање.

Посочи дека процесот на подготвување на законите траеше повеќе од шест месеци и се спроведе во транспарентен процес, со цел да ги отвори сите дилеми и стравувања заради кои овие служби во минатото беа злоупотребувани и нивниот углед беше срушен.

– Со новиот Закон за Агенцијата за национална безбедност се регулираат сите сиви закони кои може да претставуваат можност за злоупотреба. Оваа Агенција, треба да биде оперативна, таа е првата линија  на заштита на национланата безбедност и справување со глобалните безбедносни предизвици како што се тероризмот, сајбер криминалот и организираниот криминал против државата, појасни тој.

Додаде дека во законот се предвидени законските основи за користење на сите современи алатки, но во строго утврдена процедура, со судски налог и со ограничени и строго контролирани овластувања на директорот и вработените. Полициските овластувања веќе нема да им бидат на располагање, истакна, туку ќе се фокусираат на прибирање и анализирање на суштински информации и податоци со што ќе се зголеми превентивната улога во справувањето со современите безбедносни закани.

Првпат со посебен закон, информираше Спасовски, конкретно и јасно се утврдува целта и надлежноста на овој вид на државен орган, дефинирани се алатките, односно мерките за тајно собирање на податоците и информациите, пропишани се условите и постапката за спроведување на тие мерки од страна на Агенцијата, утврдени се строги услови за вработување, односно дефинирани се услови за селекција и избор на работници на Агенцијата.

– Пропишана е обука и пробна работа, дефинирани се посебни должности и овластувања на работниците во Агенцијата и утврдени се принципи за обезбедување висок степен на стручност, професионалност и објективност во постапувањето на работниците со препознаени високи стандарди за личен интегритет, професионална етика, гржа за заштита на јавниот интерес и заштита на човековите слободи и права. Јасно пропишаните услови и постапка за остварување на системот на контрола и надзор над работата на Агенцијата, се законска гаранција за заштита на човековите слободи и права и спречување на евентуални злоупотреби во праксата од една страна, а истите се и демократска гаранција дека нормативните решенија ќе станат реалност, рече министерот.

Тајните мерки, подвлече меѓу другото, се конкретно дефинирани со пропишани услови и постапка за нивно определување, спроведување и времетраење.

Најбитниот сегмент од реформата – контролата и надзорот, рече министерот Спасовски, е дека нејзината работа ќе ја контролираат и ќе вршат надзор Врховниот суд, Јавниот обвинител, парламентаното надзорно тело, Советот за граѓански надзор, Народниот правобранител, Државниот завод за ревизија, Дирекцијата за заштита на лични податоци и Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации.

Во однос на сузбивање на организираниот криминал и корупција, информира, формирани се тимови за постапување по дефинирани приоритети и оформени прдмети за работа. Тоа, како што рече, резултираше со позитивен ефект во  однос на поднесените кривични пријави и сузбиени организирани криминални групи. Во рамки на единицата за финансиски криминал се формирани тимови за водење финансиски истраги и менторирање на помладите полициски службеници.

Во областа на недозволената трговија со дрога, сузбиени се четири организирани криминални групи, со вкупно 13 членови, од кои пет се странски државјани. Во однос на сузбиените групи за обележување е сузбивањето на тричлена меѓународна организирана криминална група, истакна Спасовски, составена од двајца црногорски и еден државјанин од Перу, инволвирани во набавка и транспорт на течен кокаин (во потопена облека) со потекло од Перу, кој заради натамошна продажба со авион е транспортиран до Северна Македонија, со намера преку Косово да биде транспортиран до Црна Гора.

Говореше и за илегалната миграција, а за обележување е, рече, сузбивањето на две организирани криминални групи, од кои едната делувала на меѓународно ниво и организираше криумчарење мигранти од Албанија и Северна Македонија, со фалсификувани документи, кои преку западноевропските земји и Латинска Америка заминуваат кон САД и Канада за што се пријавени девет македонски државјани, додоека во рамки на сузбивање на втората, кривично се пријавени 21 лице  кои криумчареа мигранти од Грција, преку територијата на Северна Македонија кон Србија.

– Пред нас ја поставивме целта за јакнење на националните капацитети за  спроведување на финансиски истраги, паралелно со истрагите за организиран криминал, што во основа се основните постулати на националната Стратегија за водење на финансиски истраги која е усвоена од страна на Владата во февруари оваа година. За таа цел ќе формираме посебни, специјализирани единици за водење на финансиски истраги во МВР, Царинска управа, Финансова полиција и во истражните центри на основните јавни обвинителства, истакна Спасовски.

Најави дека во периодот кој следи борбата против организираниот криминал и корупцијата ќе биде фокусот на сите активности на МВР и институциите со кои има поделени надлежности.

– Тоа ќе претставува придонес кон подобрување на резултатите во економско-социјалните сегменти на нашето општество, но и зголемување на безбедноста и сигурноста на граѓаните и државата, потенцира министерот за вантрешни работи Спасовски во обраќањето на денешниот форум.

Back To Top