skip to Main Content

Смени во раководството на СДСМ, следат во Владата

Смени во раководството на СДСМ, следат во Владата
  • 28.05.2019

Владејачката СДСМ викендов на седница на Централниот одбор на партијата го разреши речиси целото партиско раководство. Од функцијата се разрешени целиот Извршен одбор, сите шестмина потпретседатели на партијата, тројцата секретари и координаторката на Форумот на жени. Премиерот и лидер на партијата Зоран Заев по седницата најави дека ќе следи промена и на повеќе министри во Владата, како и заменици и други функционери. При тоа кажа дека гледа никаква причина да понуди оставка од премиерската функција.

-Ќе има промена на министерските позиции, заменици министри и други функционери во владата, како и директори на ЈП, агенции, АД во државна сопственост, секаде каде буквално нема резултат, односно се покажала ароганција, се немало доблест, се намело демократски капацитет, успешност, ќе се случат промени. Ќе бидат, исто така сериозни какви што се овде во политичката партија, бидејќи само така е во ред, рече Заев.

Според одлуките, што се донесени со консензус, разрешени се Александар Кирацовски, генерален секретар, Миле Зечевиќ организациски секретар, Дане Талевски, секретар за меѓународна соработка, шесте потпретседатели – Фросина Ташевска Ременски, Оливер Спасовски, Петре Шилегов, Благој Бочварски, Дамјан Манчевски и Мухамед Зекири, како и Цветанка Ласкова од функцијата координатор на Форумот на жени. Истата вечер, за нов генерален секретар е избран Љупчо Николовски, кој повеќе нема да биде министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, а дека продолжуваат консултации за поставување на нови кадри на овие функции.

-Ветивме промени и се случуваат. СДСМ вечерва демонстрираше сериозна одговорност пред граѓаните и сопствената земја. Донесовме одлуки што носат суштински промени, изјави Заев и истакна дека со разрешените ќе продолжи соработката.

Тој додаде дека оваа одлука е сериозен израз на одговорност, прифаќање на пораките од граѓаните и израз на амбициите за нивно подобрување.

Запрашан колку министри ќе бидат опфатени со промените во Владата, Заев не кажа конкретна бројка, ниту за кои министри станува збор, но посочи дека ќе бидат повеќе од тројца. Извесно е дека покрај испразнетото место во Министерството за култура по оставката на Асаф Адеми, нов министер ќе добие и ресорот земјоделство по повлекувањето на актуелниот министер Љупчо Николовски и неговото именување на предлог на Заев за генерален секретар на СДСМ.

-Бројката не ја кажувам. Имајќи предвид дека досега се променети шест министри – за култура, правда, образование и тројца без ресор, јас сум блиску до вкупната бројка од една третина. Што значи првпат во јавноста се отвора дебата дека ќе одиме со избор на Влада, зашто ако сменам само двајца или повеќе од двајца го исполнувам лимитот од најмалку една третина за да има реконструкција на влада. Тоа е советот од министерката за правда и правници со кои што разговаравме, што значи ќе има повеќе од тројца и во такви околности секако ќе ги соопштиме навреме кога ќе ги донесеме сите одлуки, рече премиерот Заев.

За смените во Владата тој очекува да добие фидбек веќе оваа недела и од лидерот на ДУИ Али Ахмети, од  Алтернатива на Африм Гаши, Мендух Тачи од ДПА, како  и од сите претставници на коалициските партнери, со кои разговорите се во тек.

Коментирајќи ги одлуките на највисокиот партиски орган, вицепремиерот и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека тоа се одлични одлуки и очекува да се одржи нов Централен одбор на кој ќе се екипира новото партиско раководство. Прашан дали повторно ќе се кандидира за потпретседател на СДСМ, Спасовски истакна дека тоа е одлука на претседателот на партијата, но оти најважно е зајакнување на структурата на партијата.

За евентуалните промени во Владата, и дали разговарале со премиерот на таа тема, Спасовски истакна дека тоа е во исклучива надлежност на премиерот.

-Тоа е исклучива надлежност на премиерот на Владата и за составувањето и за какви било промени. Јас очекувам во наредните денови, како што и најави премиерот да излезе со конкретен предлог, рече Спасовски и повтори дека остава на премиерот да одлучи.

И министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, истакна дека има потполна доверба во одлуките на премиерот.

Сличен став изнесе и вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, посочувајќи дека е релаксиран во однос на најавената реконструкција во Владата.

– Чест е да се биде член на Влада, но исто така, секој кој добил државна функција треба да биде свесен дека еден ден таа функција и ќе ја напушти и тука јас не гледам голема трагедија во сето тоа. Јас лично сум  релаксиран по тоа прашање и мислам дека кој и да било да одговори на тоа прашање  освен премиерот е несериозно и немам што да одговорам повеќе, изјави вчера Анѓушев, одговарајќи на новинарски прашања.

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов пак вели треба да се прави разлика меѓу термините разрешен, сменет и дадена оставка, подвлекувајќи дека тој заедно со другите потпретседатели на СДСМ во текот на минатата недела ги понудиле нивните оставки, а викендов, Централниот одбор ги прифатил.

-Политички интегритет покажавме сите ние кои што дадовме оставка, затоа што во политиката ништо не е вечно, како дојдовме, така е и логично во еден даден момент да си одиме. Ако добро ги следите политиките и стратегиите што ги креирав во изминатата една и пол година како градоначалник за нашиот град, ќе видите и ќе знаете дека креирањето и реализaцијата на тие политики се нешта што допрва следуваат, заклучи Шилегов на вчерашната прес-конференција, кој кадровските промени во партијата ги поврза и со подготовка за наредните парламентарни избори.

Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, во коментар дали смета дека ќе остане на министерската позиција истакна дека тоа е проценка која прво треба да произлезе од граѓаните и од политичките структури што се коалициски партнер.  Ќе биде испочитувана, потенцира, секоја нивна одлука, но најважно е, вели, да се применува владината програма, а промените се нормална работа во демократски развиени држави.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, ги оцени како фарса кадровските смени во СДСМ, ако покрај од партиските функции разрешените кадри, според нив, не бидат сменети и од државните функции.

-Метлата е само фарса, се додека не си заминат неспособните функционери и од државните функции на чело со Заев и Шекеринска, заклучокот ќе биде еден, а тоа е дека Заев се обидува преку театар за наводна метла да ги отргне граѓаните од реалноста и проблемите со кои секојдневно се соочуваат. Потребна е метла која ќе го измете Заев, таа метла ја имаат граѓаните, а Заев ќе ја осети на избори, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Back To Top