skip to Main Content

Случај Монструм: Сведоци тврдат дека Љута имал кратка коса, а загрозениот сведок го опишува со долга

Случај Монструм: Сведоци тврдат дека Љута имал кратка коса, а загрозениот сведок го опишува со долга
  • 06.05.2019

На денешното рочиште за случајот „Монструм“ сведочеа сведоци предложени од адвокатите на обвинетите за петкратното убиство што се случи кај Смиљковското Езеро, на 12 април 2012 година.

Двајца од сведоците, сопруг и сопруга, сведочеа дека еден од обвинетите, Сами Љута, имал кратка коса два месеци пред петкратното убиство, кога тие правеле свадба. Фризурата на Љута е важна, бидејќи загрозениот сведокот го опишува со долга коса, тврдејќи дека го видел кај Смиљковското Езеро.

Прв сведочеше Сенат Буши, сосед и семеен пријател на обвинетиот Сами Љута, кој е обвинет како еден од  логистичарите на петкратното убиство. Сведокот направи исправка на првото сведочење што го дал на 28 март 2014 година, потенцирајќи дека тогаш кажал дека неговата свадба ја правел на 19 февруари 2011 година, а сега посочи дека ја згрешил годината, односно свадбата била  во 2012 година.

Сведокот, датумот на свадбата не може да го поткрепи со документ, бидејќи верската венчавка и матичното ги правеле друг ден. Според адвокатите датумот на свадбата можат да го потврдат и други гости, најавувајќи нови сведоци, на што судијата Огнен Ставрев искоментира дека може имало 400 гости, па сигурно немало да ги викнат сите.

Сведокот на прашањето на обвинителката Фатиме Фетаи, како можел да тврди дека Љута на образот немал црвена флека, кога имало периоди да не се видат со денови, сведокот појасни дека тој под флека подразбирал траен белег, па тврдел дека Љута нема таков белег.

Црвената флека е важна од аспект што згрозениот сведок тврди дека го видел Љута кај Смиљковското Езеро опишувајќи го дека имал црвена флека на образот и долга коса.

По овој сведок, сведочешени и неговата сопруга Валдете Буши, која исто така потврди дека свадбата била на 19 февруари 2012 година. И таа истакна дека Љута тогаш, како и сега, имал кратка коса и немал белег на лицето.

На денешното рочиште сведочеше и Јонче Ивановски, кој имал деловен објект до фармата на обвинетиот Фејзи Азири во Илинден. Сведокот на првото сведочење, на 20 мај 2013 година, изјавил дека заедно со Азири на денот на убиството биле во Општина Илинден. На денешното рочиште рече дека не се сеќава точно, меѓуто можно е на денот на убиството заедно со Фејзи да биле во општина Илинден. Тој се оправда дека поминале неколку години па не може да памети точно во детали, меѓутоа додаде дека останува во целост на првото сведочење.

Обвинителката Фетаи потсети дека сведокот на првото сведочење, кое било една година по убиството, се сеќавал кај бил на 12 април 2012 година, опишувајќи го денот од утрото до вечерта, а на прашање  а судот што правел на 13 или 14 не знаел што се случило. Тогаш тој одговорил дека секој човек би требало да се сеќава на таков ден, по што доби прашање од обвинителката што правел на 9 и 10 мај 2015 година кога се случи Диво Насеље, или на 27 април 2017 година, кога беше упадот во Собранието?

Сведокот рече дека не може да се сети, па на забелешка на обвинителката како не се сеќава кога според неговата логика и овие денови биле важни, тој рече дека се сетил дека сопругата на 27 април направила убаво јадење, а и паметел како била облечена. На опомената на обвинителката дека дава исказ под заклетва, реагираше адвокатот Насер Рауфи, рече дека обвинителката го навредувала сведокот.

Сведокот истакна дека според него Азири е невин и дека со ниту еден гест не покажал дека е националист, или дека бил конфликтна личност.

-Познавајќи го човекот, Фејзи не го направил тоа дело, рече сведокот.

Back To Top