skip to Main Content
ТОП ВЕСТИ
(Видео) Со дрон во Скопје откриен потпалувач на оган
Веќе е извесно дека завршница за предметите на СЈО ќе има
Вистиномер.мк: Химната не е отстранета од образовните програми за основците
Анѓушев: Едно семејство не може да живее со 200 евра плата, минималната плата мора да расте

Скопје ќе го подобрува квалитетот на воздухот, водата и зеленилото

Скопје ќе го подобрува квалитетот на воздухот, водата и зеленилото
  • 06.07.2018

Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов и постојаната претставничка на УНДП Луиза Винтон денеска потпишаа договор за соработка за реализација на проектот „Отпорно Скопје: поголема одржливост и иновации за справување со климатските промени“, што ќе чини 720.000 долари, а ќе се спроведува 18 месеци.

– Со потпишувањето на овој договор Градот Скопје се обврзува да обезбеди подобра животна средина, да ја штитиме природата и биодиверзитетот во градот и во околината, да ги подобриме условите за живот, да преземеме активности за справување со климатските промени и да ги вклучуваме граѓаните во носењето на одлуките и следејќи ги нивните потреби да обезбедиме подобар живот за сите, истакна Шилегов.

Градоначалникот Шилегов додаде дека дел од определбите на овој договор се преземање конкретни активности за подобрување на квалитетот на воздухот и водата, но и зафати за подобрување на зеленилото во Градот.

– Длабоко сме свесни за значењето на зеленилото од сите аспекти, ги предвидуваме сите потребни мерки за негова заштита. Наша цел е преку интензивно зазеленување на делови од градот да го надоместиме изгубеното зеленило, како и на дополнување на оние локации каде што истото постои. Оваа година Градот Скопје има предвидено засадување на 10.000 нови висококвалитетни листопадни, како и над 2.000 зимзелени садници на територијата на Скопје, објасни тој.

Винтон изјави дека договорот значи продолжување на едно многу продуктивно партнерство, кое УНДП веќе неколку години го спроведува во Град Скопје.

– Како што кажува самото име на проектот „Отпорно Скопје“, идејата е да се зголеми отпорноста на градот и тоа во две насоки, прво да се подобри отпорноста пред поплавите и загадувањето на воздухот, кои претставувааат еколошки закани за граѓаните, меѓутоа исто така да се подобри и начинот на којшто градот дава услуги на своите корисници, а тоа се повторно граѓаните, нагласи постојаната претставничка на УНДП.

Таа посочи дека активностите во самиот проект ќе се спроведуваат во две насоки. – Првата насока е за подобрување на еколошката одржливост на градот, а ќе продолжиме на начин на којшто работевме и досега, значи ќе работиме со научни истражувања, а потоа резултатите од тие научни истражувања ќе ги применуваме преку пилот-проекти со кои ќе можеме да тестираме и да видиме колку навистина успеваме да влијаеме за подобра еколошка одржливост, истакна Винтон.

Постојаната претставничка на УНДП рече дека активностите што ќе се спроведат со отпочнувањето на овој проект се директно фокусирани на работа со граѓаните и на работа со заедниците со цел да се зголеми нивната свест и да се намали користењето на огревното дрво, особено на оние нездрави практики за греење како што се греење на отпад или пластика.

– Ќе работиме и на подобрување на зеленилото и зголемување на зелените површини во градот, два конкретни активности за кои знаеме дека ќе ги спроведеме се зелениот покрив на ГТЦ кој ќе биде соодветно и правилно изграден и направен и секако зазеленувањето на падините на тврдината Кале, потенцираше Винтон.

Таа изјави дека, исто така ќе ја продолжат и соработката  со лабораторијата за иновации во Градот Скопје, односно „Скопје Лаб“.

— Значи, во следните 18 месеци ќе работиме заедно со Градот Скопје и на крај ќе имаме еден позелен град со почист воздух и секако поздрава животна средина за граѓаните во градот, заклучи Винтон.

Back To Top