skip to Main Content

Скопје беше третирано како несакано дете: Петре Шилегов гостин во „Уреднички брифинг“

Скопје беше третирано како несакано дете: Петре Шилегов гостин во „Уреднички брифинг“
  • 25.04.2018

Скопскиот градоначалник пред шест месеци стана градоначалник на Скопје. Во новото издание на емисијата „Уреднички брифинг“ со Ацо Кабранов одговара на прашањата колкава е дупката во градската каса, што ќе биде со објектите и галиите од Скопје 2014, како ќе се справува градската власт со загадувањето, како да се подобри јавниот сообраќај…

-Градот Скопје, во моментот кога го презедов раководењето, имаше обврски во висина од 2 милијарди и 850 милиони денари. Неопходната сума потребна за функционирање на градот е околу 2 милијарди денари, што значи дека за 2018 година ние имаме обврска од 4 милијарди и 850 милиони денари, вели Шилегов за финансиската состојба на градската каса.

Скопје важи за валкан град затоа што до сега не бил чистен.

-Јас лично не сум задоволен од работата на Комунална хигиена. Последните возила набавени за нејзините потреби биле пред 7 години, ингеренциите за чистењето се поделени меѓу градот и општините, но со првиот ветар ѓубрето пристигнува на главните сообраќајници, објаснува Шилегов.

Воспоставувањето функционален систем е најтешката работа. Проблем се дури и контејнерите: ако имало еден контејнер пред некоја куќа, на чие место е изградена зграда, повторно останал само тој контејнер за многу повеќе семејства.

Загаденоста останува горлив проблем. Една од причините е и навиката на граѓаните дури и во периодите на енормна загаденост да се возат со автомобили, иако им бил овозможен бесплатен градски превоз. Кога станува збор за нечистотијата, минатиов период биле регистрирани дури 220 диви депонии.

-На местото на планираното Милениумско тркало ќе биде пешачки мост, но не во барокен стил. Една галија ќе биде тргната, а со сопствениците на другите две интензивно се преговара со цел да се изнајде оптимално решение – граѓаните да не бидат оштетени со исплата на евентуалните пенали кон газдите на галиите. За сега евентуалните трошоци за отстранување на галиите од првичните 5 милиони евра се намалени на 3,5 милиони евра. Постапката е започната, но не е в ред да прогнозирам за колкав период ќе се изнајде решение, објаснува Шилегов.

Битката со загадувањето е перманентен процес, во кој влегуваат прашањата за БЕГ (јавноста шпекулира дека негов доминантен сопственик е Сашо Мијалков), потоа Дризла, која доби нов филтер, и во тек е набавка на нова печка за согорување на медицински отпад.

-Дризла е тргнат како еден од загадувачите. Вториот проблем е затоплувањето на домовите. Го започнавме процесот и за тој проблем. Немањето сопственост врз топловодната мрежа го трга градот од влијанието врз стратегијата за затоплувањето на домовите на Скопје. Преземањето на топловодната мрежа под ингеренции на градот значи создавање стратегија и гасификација на градот, па есенва очекувам гасифицирање на првите објекти и ширење на мрежата, посочува Шилегов.

Во таа стратегија спаѓа и набавката на нови еколошки автобуси.

-За првпа во Скопје имаме автобус на електрична енергија и автобус на гас. Треба да одлучиме дали ќе користиме електрични автобуси или на гас. Во план е да набавиме 30-тина автобуси. Ако тие бидат на гас, во ЈСП Скопје ќе заштедиме околу 144.000 евра месечно, само со 30 автобуси! Тоа се параметрите кои ни се потребни. Инаку, до сега немаме платено ниту еден цент за електричниот и за автобусот на гас, кои се на пробно восење, објаснува Шилегов.

Воведувањето плаќање паркинг на Водно, наместо целосна забрана, е со цел да се соберат средства за одржување на парк-шумата Водно.

-Првиот ден од паркингот на Водно имавме приход од 11.500 денари, или околу 2.000 евра за два викенди, што ќе ги користиме за одржување на Водно, посочува Шилегов, додавајќи дека градот нема да дозволи паркинг кај болницата за детски белодробни заболувања во Козле.

Продолжува и проектот за адреналински спортови, тн. зип-лајн, односно атрактивна жичница од Музејот на современа уметност до Градскиот парк.

Костурот на генералниот урбанистички план е донесен во 1965 год., и тоа од страна на светската, ексјугословенската и домашната урбанистичка памет.

-Јужната страна на Скопје е добро организирана и атрактивна за живеење, па затоа е под притисок за доселување, за разлика од северната страна. Должен сум како градоначалник да го имам предвид периодот од наредните 30 години: само со обичен механички прираст, Скопје од град со 600.000 жители да нарасне до 800.000 ѓители. Морам да се грижам за една развојна димензија, и затоа за прв пат по 15 години во тек е постапка за проекти за нови мостови, кај Ќерамидница и кај Сити мол, најавува Шилегов.

Стариот Луна парк е продаден во старо железо, а новата градска власт ќе се обиде да најде концесионер за нов забавен парк. Проекциите за цената на нов современ парк е околу 20 милиони евра, а градот во инфраструктурата и партерно уредување вложува околу 8 милиони евра. А барокниот карусел на плоштадот наскоро ќе биде дислоциран.

Шилегов тврди дека наскоро ќе биде решен и проблемот со кучињата-скитници. Стационарот во Вардариште имал капацитет за 60 кучиња, па стратегијата предвидува проширување на неговиот капацитет. Инаку, тој стационар до сега бил дивоградба, а Скопје ќе добие и регистар на домашни миленици.

-Не се покајав што станав градоначалник, тоа е динамична професија како и адвокатурата, а Скопје ми е предизвик, заврши Шилегов во гостувањето во „Уреднички брифинг“.

 

 

Back To Top