skip to Main Content

Синдикатот на УПОЗ најавува кривична пријава против претседателот на Судскиот совет

Синдикатот на УПОЗ најавува кривична пријава против претседателот на Судскиот совет
  • 21.12.2018

Синдикатот на УПОЗ најави дека во понеделник ќе поднесе кривична пријава против претседателот на Судскиот совет кој е и претседател на Судскиот буџетски совет Зоран Караџовски поради двете одлуки за исплата на додатоци на плата во висина од 35 проценти за членовите на Судскиот совет и за ретроактивна исплата на додатоци за плата за септември и октомври.

Двете одлуки од 30 ноември и од 19 декември, според Синдикатот на УПОЗ, се скандалозни бидејќи не постои законска основа за исплата на додатоци на плата за членови на Судскиот совет и за ретроактивна исплата на додатоците на плата.

– Доколку судиите согласно оваа одлука ги примат додатоците за септември и октомври, а посебно ако тоа го направат по вторпат и членовите на Судскиот совет ќе станат соучесници во ова кривично дело што го направи претседателот на Судскиот буџетски совет, истакна денеска на прес-конференција претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Пецо Грујовски.

Како што посочи, Синдикатот и Здружението на судска администрација не се против исплатата на додатоци на плата за судиите бидејќи тоа им следува законски, но не се согласуваат со одлуката за ректроактивна исплата.

Според Синдикатот на УПОЗ, револтот кај судските службеници е голем и постои можност за штрајк, кој доколку би се реализирал, би бил порадикален. На нив, како што велат од Синдикатот, не им бил исплатен додаток за плата во висина од 10 проценти во април, а незаконски им се задржани и 40 проценти од платата за време на штрајкот во 2016 година.

Како едно од решенијата за да се смират тензиите во судството, Синдикатот на УПОЗ, ја гледа  во тоа да им се вратат одземените пари на судските службеници од штрајкот и да се донесат најавените закони од судството.

Back To Top