skip to Main Content

СДСМ: Мицкоски е лицемерен, глуми загриженост а уценуваше за изборот на ДИК

СДСМ: Мицкоски е лицемерен, глуми загриженост а уценуваше за изборот на ДИК
  • 25.08.2018

По објавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека ВМРО ДПМНЕ се откажува од парите за референдумската кампања, СДСМ го обвини дека е лицемерен.

„Пред да се расфрла со лицемерни ставови, Христијан Мицкоски пред јавноста треба да го соопшти неговиот и ставот на неговата партија за референдумот и најважното прашање во историјата на независна Македонија. ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски го условуваа формирањето на Државната изборна комисија со барањето да се донесе закон за финансирање на партиите со пари од Буџетот“, велат од СДСМ.

Од СДСМ велат, ВМРО-ДПМНЕ со години трошеле десетици милиони евра пари на граѓаните за рекламни кампањи, пропаганда и манипулација на јавноста, а сега кога треба да се покаже одговорност пред иднината и пред граѓаните, Мицкоски се однесувал лицемерно и неодговорно.

„Мицкоски да не се грижи, Владата предводена од СДСМ работи одговорно и во интерес на граѓаните и има обезбедено средства за реконтрукција и изградба на нови училишта, меѓу кои е и гимназијата Кирил Пејчиновиќ во Тетово. За разлика од ВМРО-ДПМНЕ којашто со години го урнисуваше образованието, Владата предводена од СДСМ инвестира во квалитетен образовен систем. Во моменов се врши реконтрукција на 13 основни училишта низ цела Македонија. Дополнително во градот Скопје и во другите општини се обновуваат и средните училишта, кои беа заборавени во изминатите 11 години. Наместо лицемерие и лаги во кои веќе не веруваат ниту во неговата партија, Мицкоски треба да покаже минимум одговорност за историскиот момент и пред граѓаните да одгвори дали е за напредок и интеграција на Македонија или е за враќање во минатото на изолација, уназадување и неизвесност?“, се вели во партиското соопштение.

Од партијата на власт сметаат дека огромното мнозинство на граѓани е определено за напредок, за интеграција и македонска иднина со заштитен и зајакнат македонски идентитет.

Back To Top