skip to Main Content

Сведоштва на локалните жители кои помагале за извлекување на повредените во автобуската несреќа

Сведоштва на локалните жители кои помагале за извлекување на повредените во автобуската несреќа
  • 13.02.2019

Страшна слика на местото на настанот каде вечерва се случи смртносната автобуска сообраќајна несреќа. Екипи од брза помош, против-пожарна служба, полиција, војска, специјални единици, хеликоптер на АРМ, како и огромен број локални жители ја спроведуваа тешката спасувачка акција со цел во што поголем број да ги извлечат повредените лица, како и телата на загинатите.

Покрај патот се гледаа телата на неколкумина загинати, поклопени со откинатите банкини, а до нив стоеа членови на семејства на патниците, целосно избезумени и без информации дали луѓето кои ги бараат се починати или повредени.

Човекот кој видел како се одвива целата несреќа, раскажува дека според него, автобусот се движел со голема брзина, летал и во првиот момент кога паднал се слушале ужасни крици од внатре. Веднаш се доближил и повикал помош.

Двајца мажи управуваа багери со цел да го кренат автобусот за да ги извадат луѓето кои се поклопени. Автобусот бил напукнат на два делови, а како што раскажуваат лицата кои веднаш интервенирале, токму тоа ја отежнало спасувачката акција.

Шофершајбната на автобусот била летната на неколку метри, а сите делови распрскани околу смачканото железно што останало од возилото. Крв, чанти, мобилни телефони и делови од облека, се гледале меѓу искршените стакла и искорнатите упропастени седишта.

На речиси 30 секунди пристигнувало или заминувало по едно амбулантно возило, повредените биле префрлани во болница и со приватни возила. Локалните жители постојано им помагале на припадниците на полицијата и останатите служби на терен. Велат, дека направиле се што било во нивна моќ, а и глетката на терен го докажува тоа, целосна координираност и ажурност.

За жал, во оваа трагична несреќа, што се случи на автопатот Скопје – Тетово, меѓу Карпалак и Ласкарци, загинаа 13 лица. Според последните информации, 22 лица се хоспитализирани, од кои шестмина се во критична состојба.

На местото на настанот се извршува увид, што ќе се спроведува во текот на целата ноќ. Утре наутро Обвинителството ќе даде извештај за сите детали од сообраќајната несреќа.

Back To Top