skip to Main Content

Русковска контра Финансиска полиција: Немало криминал во работењето на директорот на МРТВ

Русковска контра Финансиска полиција: Немало криминал во работењето на директорот на МРТВ
  • 30.10.2019

Директорот на Македонската радио телевизија, Марјан Цветковски, нема да биде кривично гонет за злоупотреба на службената положба, дознава ИРЛ.

Обвинителството за борба со организиран криминал и корупција ја отфрли кривичната пријава од Управата за финансиска полиција со образложение дека Цветковски не сторил кривично дело и работел законски. Кривичната пријава Финансиската полиција ја поднесе на 21 јуни, а решението за отфрлање како неоснована е донесено на 9 август.

Директорот Арафат Муареми тогаш на прес конференција информираше дека директорот на националниот сервис МРТВ, Марјан Цветковски, е осомничен дека го заложил целокупниот имот на претпријатието за да подигне кредит од Комерцијална банка. Одлуката ја донел без да го консултира со Собранието кое е основач и сопственик на јавниот сервис. Истрагата на Финансиската полиција утврдила дека заложениот имот е двојно поголем од кредитот, а дел од парите 500.000 евра, МРТВ веднаш ги уплатила на банката која го откупила нејзиниот долг кон БЕГ. Кривична пријава беше поднесена и против нотарот кој го заверил договорот за кредит.

Образложението на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција со кое раководи Вилма Русковска е дека по спроведената предистражна постапка не утврдиле дека Цветковски му нанел штета на државниот буџет, јавува ИРЛ.

„Од прибавениот доказен материјал, надлежниот јавен обвинител утврди дека во секое од преземените дејствија од страна на првопријавениот постои законска оправданост, со што се оправдуваат и постапувањата на второпријавеното лице. При увидот во Изводите за промените и состојбата на банковна сметка, барањата за исплата на првопријавеното лице и аналитичките картички на јавното дифузно претпријатие, како и Известувањето на банката од која е одобрен и подигнат кредитот, јасно се гледа дека кредитот е предвремено целосно исплатен од страна на јавното радиодифузно претпријатие и согласно донесените одлуки и склучениот Договор за долгорочен кредит е наменски искористен. По целосната исплата банката издала Изјава за бришење на заложното право“, одговориле од Јавното обвинителство.

Од финансиската полиција за ИРЛ велат дека со самото тоа што Цветковски подигнал кредит без да го информира и добие дозвола од Собранието сторил кривично дело. Се повикуваат на Законот за јавни претпријатија каде пишува дека „Основачот на јавното претпријатие дава согласност за задолжување“. Оттаму појаснуваат и дека рокот за враќање на кредитот бил 2021 година, а симптоматично е што МРТВ го вратила целосно веднаш по поднесувањето на кривичната пријава. И затоа обвинителството не утврдило штета на државниот буџет, иако со самото заложување на целиот имот на МРТВ директорот Цветковски го довел во прашање функционирањето на јавниот сервис, велат од Финансиската полиција.

извор: ИРЛ

Back To Top