Обвинителката, Вилма Русковска, смета дека Основното јавно обвинителство ќе може да ги користи прислушуваните разговори како докази во постапките доколку од Специјалното јавно обвинителство ги преземе предметите кои се во фаза на истрага. Станува збор за истраги каде обвинети се Сашо Мијалков, Орце Камчев, Бујар Османи, Али Ахмети, Никола Груевски, Антонио Милошоски, но и други поранешни и сегашни функционери.

Сите тие би се спасиле од кривичен прогон доколку СЈО не ги предаде предметите на Основното јавно обвинителство. Ова следи по вчерашната одлука на Врховен суд со која СЈО ги губи ингеренциите да отвора нови истраги по истекот на рокот од 18 месеци од добивање на „бомбите“.

На новинарско прашање дека според дел од експертите „бомбите“ повеќе не ќе можат да се користат, Русковска денеска одговори:

-Зошто? Кога тие снимки беа предложени како доказ од СЈО првостепениот суд ги одби, но по одлука на Апелација тие станаа доказ во предметите. Нема зошто таа одлука да не важи. Не е битно кој постапувал по предметот, кое Обвинителство, сите сме обвинители и одлука на суд е одлука на суд. Тоа е мое мислење. Ќе видиме што ќе се случи доколку ни ги предадат предметите – рече обвинителката.