skip to Main Content

Рот: Прашањето за името треба да се реши оваа година

Рот: Прашањето за името треба да се реши оваа година
  • 10.05.2018

Германска поддршка за решавање на спорот со името најави државниот министер за европски прашања во МНР на Германија, Михаел Рот кој е во посета на земјава.

На заедничката прес-конференција во Владата со премиерот Зоран Заев, Рот истакна дека двете страни се подготвени за тешки компромиси, а последните изјави од Македонија и Грција ја потврдуваат волјата прашањето сега да се реши. 

Германскиот дипломат ја поздрави посветеноста на Македонија за клучните реформи и напорите за евроатланската интеграција. Вели неопходен е дијалог меѓу власта и опозицијата.

Германија го поддржува изнаоѓањето на решение во блиска иднина и ја цени улогата на медијаторот Метју Нимиц. Многу е направено, но има краток период за решавање на овој проблем. Оваа година треба да се реши прашањето за името инаку статус кво состојбата ќе потрае со години. Особено е важно двете стани да не избрзаат со цртање на црвени лини. Потребен е политички дијалог меѓу влада и опозицијата. Сметам дека двете страни имаат волја и можат да се договорат за одржлив компромис прифатлив за двете страни. Гледам светлина на крајот од еден долг тунелрече Рот и го поздрави враќање на опозицијата во парламентот, затоа што, додаде, само така придонесува во демократијата.

Премиерот Зоран Заев нагласи дека Македонија во изминатата година направи квантен скок од заробена држава во функционална демократија во која се гради концептот едно општество за сите. „Македонија е мала земја, но е голема надеж за Балканот“, рече Заев.

За сработеното дојде чистата и безусловна препорака од ЕК. Остануваме максимално посветени на реформита, добрососедските односи и регионалната соработка. Целта ни е почеток на преговрите со ЕУ и покана за НАТО во 2018 година. Особено ни е значајно сознанието до кое стигнаа највисоките лидери на ЕУ дека доколку биде доведена во прашање иднината на членството во ЕУ тоа ќе ја доведе во прашање и безбедноста на регионот и на Унијата. Сепак, ние остануваме убедени дека лидерите на ЕУ го препознаваат моментумот дека времето на РМ да и биде дадена европската перспектива е сега, оваа година. Сакаме да ја оствариме нашата просперитетна иднина со наш придонес секако и за посилна ЕУ, рече Заев.

Во однос на работата на СЈО, Рот порача дека мора да продолжат истрагите поврзани со прислушувањето, а според него СЈО треба да се интегрира во редовното Јавно обвинителство, ако не може да се обезбеди двотретинско мнозинство во Собранието за продолжување на мандатот. 

 -Важно е да продолжат истрагите и работата на СЈО. Многу е важно одново да се воспостави довербата во јавните институции. Истрагите во однос на скандалите со прислушувањето мораат да продолжат. Да подвлечам, за да биде продолжен мандатот на СЈО е потребно 2/3 мнозинство. Но ме информираа дека опозицијата е против тоа, затоа треба да го интегрирате СЈО во редовните структури на обвинителство, тоа е прагматично решение – додаде Рот.

Тој денеска е планирано да се сретне и со претставници на опозицијата и невладините организации.

Back To Top