skip to Main Content

Расте бројот на неписмени ученици и студенти во Македонија – Разговор во Студио 1

Расте бројот на неписмени ученици и студенти во Македонија – Разговор во Студио 1
  • 21.02.2019

Според статистиките, повеќе од 50% од учениците се неписмени. На оваа тема гости во отвореното Студио 1 беа Петар Атанасов, заменик министер за образование, Искра Пановска Димкова, професорка по македонски јазик на филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Димитар Низамовски од МОФ.

Атанасов вели дека ситуацијата е најлоша во основното образование, средното стручно има малку пракса, а квалитетот во високото образование е опаднат.

-Запознаени сме со овој проблем и од непосреден контакт со образовниот систем и од сите истражувања од меѓународни организации како УНИЦЕФ, Светска банка, но и од образовните институции. Секаде има по некои слаби страни, тој систем не е склопен за да произведува квалитет и со години погрешно се инвестирало, се спроведувале програми кои не донеле до повисок квалитет на образованието, изјави Атанасов.

Пановска смета дека државата мора да се погрижи за заштитата на мајчиниот јазик.

-Ми се чини дека во последниве години навикнав на ситуацијата. Но, чувството претходните години ми беше дека е со опаднат квалитет од порано. Тоа порано исто така не чинеше, зборувавме дека треба да се подобри, но не очекувавме буквално погром во последната деценија. Тие се писмени во основната смисла на зборот, но не знаат да читаат. Државата мора да се погрижи за заштитата на мајчиниот јазик. Во нашата држава тоа се користи само за тропање во гради, вели Пановска Димкова.

Димитар Низамовски зборуваше за мотивирање на младите.

-На крајот на денот личните афинитети се субјективна работа МОФ се труди да понуди надополнување на формалното образование и да им понудиме сет на вештини за да се изградат како здрави и активни личности во општеството. Имаме повеќе индивидуален пристап и можеби тоа недостасува во училиштата, рече Низамовски.

Целиот разговор можете да го погледнете во видеото.

Back To Top