skip to Main Content

Рамадани за РСЕ: Пријателските пораки кон ВМРО-ДПМНЕ може да преминат во санкции

Рамадани за РСЕ: Пријателските пораки кон ВМРО-ДПМНЕ може да преминат во санкции
  • 07.10.2018

Западните политичари сега се обидуваат да ги убедат ВМРО-ДПМНЕ да ги изгласат уставните измени, но тие може да ни најават и санкции, посебно ќе има санкции за најголемата опозициска партија, такви сигнали веќе стигнуваат, вели Исмет Рамадани, претседател на Евроатлантскиот совет, советник на премиерот за интеграции во НАТО и поранешен пратеник во интервју за „Радо Слободна Европа“.

Господине Рамадани по референдумот во опција се две решенија за спроведување на Договорот со Грција. Од меѓународната заедница бараат да не се губи време и решението да се најде во Парламентот, а премиерот Заев најави предвремени избори, ако не се обезбеди двотретинско мнозинство за уставни измени. Според вас, кое е најдоброто решение?

И понатаму најдобро решение би било кога пратениците во Собранието би гласале за измените во Уставот, затоа што тоа значи нивна одговорност, а кога велиме одговорност во државата најодговорни и најлегитимни за круцијални и значајни историски одлуки се пратениците, затоа што го црпат легитимитетот од граѓаните. И пред вакви историски одлуки мислам дека треба да размислат добро што ако не помине Договорот во Собрание, а досега нема некоја алтернатива освен да помине, да се продолжи со процесот и најкраткиот пат до членство во НАТО и започнување на пристапните преговори со ЕУ.

Што би значело забавувањето на процесот на интегрирање на Македонија во НАТО од безбедносен аспект и има ли сили кои би можело да го искористат тој период?

Од самото незадоволство кај граѓаните се губи надежта што понатаму со Република Македонија, каде ќе припаѓаме ние?, Дали има алтернатива?, а алтернатива нема. Друга објавена опција од некоја релевантна партија во Република Македонија немаме. Тешко е да им понудиш некоја друга опција на граѓаните која не е евроатлантска, затоа што евроатлантската со години е етаблирана и во свеста на граѓаните дека тие припаѓаат во таа опција и ако е така тогаш, 75- 80 проценти од граѓаните во континуитет се определени за оваа евроатлантска опција и одеднаш да им наметнеш, односно да им понудиш друга опција тоа значи едно прекршување што може да влијае на безбедноста на државата и на граѓаните, затоа што таков нешто ќе биде неприфатливо. И ако биде неприфатливо тоа значи дека може да се очекуваат и незадоволства кои ќе донесат турбуленции во државата.

Што очекувате од разговорите за уставните измени? Можно ли е ВМРО-ДПМНЕ да изненадат и да гласаат за Договорот со Грција во Парламентот по повиците од меѓународната заедница, со оглед дека лидерот на опозицијата изјавуваше дека процесот за Договорот со Грција е завршен по референдумот?

Нема да биде завршен, затоа што ако ние имавме една поддршка со добри намери, добрите намери за нашата држава ќе продолжат, но само ако ние останеме во тој дискурс, што значи да се имплементира Договорот и процесот да оди до крај. Инаку, можен е и друг начин на обраќање на лидерите и на европските земји и на земјите членки на НАТО, можат, сега претпоставувам, можат да ни најават и санкции, посебно ќе има санкции за најголемата опозициска партија, такви сигнали веќе стигнуваат. Ние имавме една порака од партијата на германската канцеларка Ангела Меркел, која припаѓа во истото семејство на десни партии каде што припаѓа и ВМРО-ДПМНЕ. Мислам дека оваа фаза сега за да ги убедат ВМРО-ДПМНЕ да ги изгласат уставните измени нема да биде само пријателска порака, туку ќе биде и порака која на еден начин ќе им укажува дека можат како политика партија да претрпат и ситуации кои нема да одат во прилог на партијата, а тоа значи дека нема да одат во прилог и на граѓаните во државата.

Back To Top