skip to Main Content

Пуштена во употреба делницата Демир Капија – Смоквица

Пуштена во употреба делницата Демир Капија – Смоквица
  • 23.04.2018

Владата денеска го пушти во употреба новиот автопат на делницата Демир Капија – Смоквица. Во присуство на евроамбасадорот Самуел Жбогар, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, вицепремиерот Кочо Анѓушев, како и бројни новинарски екипи, премиерот Зоран Заев нагласи дека овој автопат ја поврзува Македонија и ја води кон Европската Унија.

– Со овој пат се поврзавме со нашиот сосед.  Овој проект го започна претходната влада, и тој беше од огромна потреба за граѓаните, ние тоа го познавме и го потенцираме. Ние ќе ги завршиме сите започнати патни проекти во најбрзи рокови. Овој автопат поврзува и води кон ЕУ, оваа делница ја има вградено соработката помеѓу Македонија и ЕУ. Нема да дозволиме катастрофални импровизации повеќе. Современ и безбеден автопат да, но решение според највисоките европски стандарди, инспирација за новите патни проекти во земјата. Ќе ги носиме одлуките за правење на патни правци на транспарентен начин – рече премиерот Заев пред присутните.

Генералниот директор за соседски политики за проширување на ЕУ, Кристијан Даниелсон, посочи дека со овој автопат се завршува последната алка од Коридорот 10.

– Очекуваме овој проект да го зголеми економскиот раст во Македонија, но и во регионот, да овозможи поголем транспорт и можности за развивање на бизнис, и ќе ја олесни мобилноста. Овој проект е овозможен од ИПА проектот, преку кој се одвоени околу 200 милиони евра. Изградбата на делницата беше многу комплексен проект. Со кампањата „ЕУ за тебе“ сакаме да покажеме дека ЕУ е тука да и помогне на Македонија и во изградба на патишта. Инфраструктурното конектирање на регионот ќе биде и тема на Самиот во Софија во мај – посочи Даниелсон.

Според министерот Сугарески, ова беше најтешката делница за изградба на Коридорот 10.

– Оваа делница претставува најсовремен тип на градба, има два тунели, по две сообраќајни ленти. Најдолги тунели во Македонија и контролниот центар во Неготино за контрола на целиот сообраќај во тунелите. Составен дел се и шест мостови на Коридорот. Согласно нормите на ЕУ за намалување на штетните гасови и животната средина. Вредноста на овој проект е 218 милиони евра и 10 милиони евра за надзор. За неколку месеци коридорот десет ќе биде комплетно завршен – рече Сугарески.

Back To Top