skip to Main Content

Пред собраниската ратификација и претседателскиот параф на договорот – Шекеринска во „Печат на неделата“

Пред собраниската ратификација и претседателскиот параф на договорот – Шекеринска во „Печат на неделата“
  • 17.06.2018

Договорот со Грција е најдобрата верзија од сите што биле преговарани до сега, вели вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска. Очекува пречки од претседателот Ѓорѓе Иванов, но, вели дека ќе му биде и нему многу тешко да објасни зошто не дава зелено светло за тоа што постојано го барал – граѓаните да кажат во кој правец треба да оди државата.

-Фактот дека Македонија успеа првпат во овој договор да ја вгради и можноста за референдум без тоа да предизвика референдум од грчка страна не ја коментираме доволно. Тоа беше еден од типичните камења на сопнување во преговорите. Секогаш кога Македонија ќе кажеше „Ние сакаме да одиме на референдум“, Грците ќе кажеа „И ние ќе правиме тогаш референдум“. Во Грција ваков референдум нема ни теоретски шанси да успее. Затоа инсистиравме во овој дел договорот да биде асиметричен. Практично ја добиваме шансата на референдум, кој им претходи на можните уставни измени. Соочен со таа опција граѓаните да одлучат, замислете тој тоа да го блокира. Освен собраниското, ќе имаме и претседателско вето – на референдумот, не на договорот. Тој со тоа активно ќе се труди да не дојдат граѓаните во ситуација да одлучат за својата судбина, објаснува Шекеринска.

Затоа, додава, Владата била претпазлива и не се случајни чекорите во договорот.

-Тоа што се очекува сега, пред ЕУ и НАТО е ратификација од страна на Парламентот, за да не се доведеме во ситуација се да зависи од претседателот, вели Шекеринска.

Како што додава, никој не очекувал дека Договорот ќе помине со аплауз и во Македонија и во Грција.

-Ако го анализирате договорот и ако се потсетите на се што беше кажано, па и од Иванов во изминатиов период, ќе видите дека имал причина зошто избега од новинарски прашања. Целиот овој изминат период стравот и нападот беше дека Грција ќе инсистира на слеано име. Не прифативме. Потоа дека Грција ќе инсистира на непреводливо име. И тоа не прифативме. Стравот беше дека македонски јазик ќе стоел само на македонски, со транскрипција на латиница. Не прифативме. Стравот беше дека јазикот ќе биде пишан, но постојано ќе се влече некоја фус нота. И таа ја нема. Главниот страв кај Македонците беше дали компромис околу името на државата ќе значи негација на нашиот идентитет. Сите договори што сме ги потпишале со ЕУ, и сите тие ги потпишал Иванов, во ниту еден член го нема македонскиот јазик. Овој договор обезбедува од анонимност и непостоење, македонскиот јазик да фигурира на сите јазици и никој да не го спори, објасни Шекеринска.

Back To Top