skip to Main Content

Пратениците дебатираа за измени на Законот за јавен долг

Пратениците дебатираа за измени на Законот за јавен долг
  • 28.02.2019

Собранието попладнево ја завршија расправата за измените и дополнувањата на Законот за јавен долг,  во прво читање, со кои се врши усогласување со меѓународната пракса и подобрување на системот за управување со јавни финансии и јавен долг.

Со измените, во пресметката на јавниот долг се враќа негарантираниот долг. Законските новини треба да овозможат поголема кредибилност на податоците за јавниот долг и доверба од инвеститорите.

До 2014 година негарантираниот долг беше дел од пресметката на јавниот долг, но потоа беше изваден со измени на законот, а сериозни критики за тоа беа упатени од Европската унија, меѓународните финансиски институции, но и тогашната опозиција, како и експертска јавност.

Со законот се предвидува и изработка на стратегија за управување со јавниот долг како одделен документ, а Министерството за финансии ќе врши и кредитна анализа на носителите на јавниот долг според меѓународни правила и стандарди.

Како што информираше во образложението на законот, заменик-министерката за финансии Ширет Елези, јавниот долг на крајот на 2018 година изнесувал 48,7 проценти од БДП, а на крајот на 2016 година 48,8 отсто.

Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ оценија дека власта го зголемува јавниот долг, но како што рекоа, во реалноста нема реализација на конкретни инфаструктурни проекти.

– Предлагате решение со кое во  државниот и во јавниот долг ќе опфатите и други ставки кои досега не сте ги опфаќале, што значи  дека административно заради оваа измена и ќе се зголеми државниот и јавниот  долг што пак ќе оневозможи реализација на некои други проекти во иднина кои можеби би помогнале за економскиот раст на државата, но тоа  е ваша одлука и вие ќе си ја цените, рече Илија Димовски од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Од моментот кога СДСМ ја презеде власта, забалежа Димовски, државниот долг е зголемен за 380 милиони евра, а истовремено е низок процентот на реализација на капитални инвестиции од почетокот на годинава.

Диме Велковски од СДСМ, реплицирајќи, наведе дека во 2008 година долгот изнесувал 23 проценти, а сега е 48 проценти, што е показател дека е стабилизиран во изминатите две години. Наместо фискалната стратегија која се правеше секоја година  сега се носи закон за јавен долг  кој, посочи Велковски, ќе овозможи транспарентно да се знае кој и што должи.  – Најмногу што треба да се задолжиме е 54 проценти, дали тоа ќе биде не знам, се надевам не, меѓутоа мора да се вкалкулираат средствата  од 181 милион евра за довршување на автопатот Кичево Охрид, а треба да почне со изградба и клиничкиот центар до крај на годинава, рече Велковски.

Пратениците ја завршија и расправата за измени и дополнувања на законите за готовински плаќања и за ревизија и Предлог законот за вршење сметководствени работи. За законите ќе се гласа дополнително, информира потпретседателот на Собранието Горан Мисовски, прекинувајќи ја 86. седница чие продолжение ќе биде најавено дополнително.

Back To Top