skip to Main Content

По САД и Германија ја осуди реториката на Мицкоски

По САД и Германија ја осуди реториката на Мицкоски
  • 15.03.2019

Реториката на опозицискиот лидер предизвика реакции од меѓународната заедница. Христијан Мицкоски во едно телевизиско гостување го спореди судењето за 27 април со Нирнбершките судења. Денеска со реакција се огласи германската амбасада, која ја оцени изјавата на Мицкоски како неприфатлива. Берлин му порачува на Мицкоски дека споредбите кои ги направил се несоодветни и минимизирачки во однос на злоделата на нацистите.

„Споредбата на постапките на правосудните служби на Северна Македонија со нирнбершките процеси е несоодветна. Со тоа се минимизираат делата на наци-злосторниците. Одговорните лица во Северна Македонија треба да придонесат за надминување на поделбата на општеството и да водат конструктивен дијалог за иднината на земјата во правец на евроатлантските интеграции. Освен тоа, самите изјави за нирнбершките процеси се целосно неприфатливи“.

Прва реагираше амбасадата на САД која уште вчера ги повика политичките лидери во земјава да не користат потпалувачка реторика со неправилна употреба за настани од минатото со која се шири став и поделба.

„Потпалувачката реторика од страна на политичките лидери предизвикува страв и поделба, особено кога неправилно се користи за настани од минатото, како што се Нирнбершките судења, за политички цели. Таквиот јазик е опасен и не придонесува за продуктивен дијалог за насоката во која се движи земјата. Многу е важно лидерите да се вклучат во граѓански дијалог кој може да ја унапреди стабилноста и просперитетот на Северна Македонија“.

Од партијата на Мицкоски рекоа дека нивниот лидер бил погрешно разбран и дека тоа не било кажано за да се оправдаат насилствата од минатото, додека претседателскиот кандидат на ВМРО ДПМНЕ ја премолче изјавата на Мицкоски. Нирнбершки процес е називот за последователните судења на истакнати членови на политичкото, военото и економското водство на Третиот рајх. Првото и најпознатото од овие судења е она за 24 лица кои биле главните воени злосторници.

Кристина Атовска

Back To Top