skip to Main Content

По алармантната статистика за пијани возачи, МВР планира строги мерки – тема на „Студио 1“

По алармантната статистика за пијани возачи, МВР планира строги мерки – тема на „Студио 1“
  • 30.04.2018

МВР излезе со алармантни податоци дека секој трет скопјанец за викенд вози пијан. Бројот на сообраќајни несреќи е двојно зголемен. Неопходна е реакција на терен за да се намали црната статистика. Дополнително загрижува фактот дека наближува периодот на матурските прослави. Според началникот за безбедност на СВР Скопје Борче Грујовски, планот е во наредниот период да се намали бројот на пијани возачи со зајакнати контроли.

-Во изминатиот период имавме потешкотии при доведување ред во сообраќајот бидејќи работевме со намален број извршители. Во меѓувреме имавме помош од колеги полициски службеници од други градови и сега со бројката со којашто располагаме можеме да се справиме со сите ризици во сообраќајот.

Граѓаните се жалат за состојбата по булеварите – трки со автомобили, особено во ноќните часови и за викендите. За безбедноста многу помага и Град Скопје и од таа страна се преземени повеќе мерки на повеќе фронтови.

-Една од побитните акции ни се столбчињата што ги поставуваме на тротоарите каде што колите нема да можат да се паркираат секаде. Тоа им дава поголема безбедност на пешаците да не одат по улиците туку по тротоарите. Работиме на поставување на сигнализација како семафори, лежечки полицајци и друго, вели Ваљон Салиху, портпарол на Град Скопје.

По случаите на прегазени пешаци на Партизанска и граѓанските протести во Ѓорче Петров каде што невнимателен возач згазна дете, останува да се види дали зајакнатите контроли на МВР ќе го стават под контрола сообраќајот во главниот град.

Back To Top