skip to Main Content

Почина и вториот параглајдерист по несреќата кај Мечкин Камен (Видео)

Почина и вториот параглајдерист по несреќата кај Мечкин Камен (Видео)
  • 18.08.2018

Почина и вториот параглајдерист, кој вчера беше пренесен во болница, по несреќата кај Мечкин Камен во Крушево. Педесет и шестгодишен Украинец И.В. и педесет и четиригодишен Британец И.П. се двајцата параглајдеристи кои вчера ги загубија животите во трагичната несреќа.

Според полицијата, до трагедијата дошло вчера во 12,30 часот кај Мечкин камен, за време на турнирот за параглајдери British Open Championship 2018, кога двајца параглајдеристи се судриле веднаш по полетувањето. Украинецот починал на самото место, додека Британецот со тешки телесни повреди бил пренесен во Здравствениот дом во Прилеп, каде подоцна починал при обидот за реанимација.

Прилепското јавно обвинителство ја истражува несреќата на параглајдеристите, а има и зголемена полициска присутност кај Мечкин Камен. Заради утврдување на причините за смртта, надлежниот јавен обвинител издаде и наредба за обдукција врз телата на починатите.

-Во текот на вчерашниот ден, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Прилеп во соработка со екипата на крим-техника од Министерството за внатрешни работи изврши увид на местото каде двајца параглајдеристи ги загубија животите. Во насока на расветлување на настанот издадена е наредба за обезбедување на траги и докази, наредба за симнување на видео запис и наредби за исчитување на податоците од лајф-трекер системите на параглајдерите, велат од јавното обвинителство.

Крушево е европска мека за параглајдеристите, но ова не се први параглајдеристи кои што ги загубија своите животи во негова близина. Минатата година неколкумина љубители на овој спорт загинаа, а пред само еден месец државјанка на Кина беше тешко повредена по пад со параглајдер. Во Крушево секое лето се одржуваат и државно и европско првенство, а оваа година се прават подготовки за одржување на Светското првенство 2019 година.

Јана Јосифоска

Back To Top