skip to Main Content

Последиците за Македонија по владеењето на Груевски во „Печат на неделата“ со Сашо Ордановски

Последиците за Македонија по владеењето на Груевски во „Печат на неделата“ со Сашо Ордановски
  • 27.05.2018

Прерано е да се заборави она што се случуваше во времето на Груевски, но промени во судскиот систем има – ова е заклучокот на гостите на Сашо Ордановски во студиото на 1ТВ.

Јадранка Костова, Петар Арсовски и Џевдет Хајредини ја коментираа пресудата против Груевски во случајот „Тенк“, како и неговото последно интевју во кое тој го критикува судството.

-Сите влади биле предмет на критика, но за политички монтирани процеси има извештаи од меѓународната заедница само од владеењето на Груевски, рече Јадранка Костова.

-Нема допир со реалноста. Човекот како да не е свесен дека има промена во општеството, од друга страна што друго да прави. Судиите нема да паднат во несвест од неговата величина. Изненади што неговата партија со анемичност ја прифати пресудата. Испрати само едно соопштение. За Заев, за „Глобал“ имаше пет пати повеќе луѓе пред судот, изјави аналитичарот Петар Арсовски.

Корупцијата е ендемска проблематика на Балканот, а судството се уште не е независно – сметаат гостите на Ордановски во „Печат на неделата“.

Џевдет Хајредини нагласи дека Заев ги повикал граѓаните да пријавуваат корупција, но тој се уште не може да гарантира независно судство. Според Јадранка Костова, судството се уште не е ослободено. Двајцата се согласија дека против функционери од ДУИ се уште нема постапки, иако и тие беа дел од коалицијата на ВМРО ДПМНЕ.

-Мора да се расчистат кадрите кои му служеле на Груевски, рече Хајредини.

Јадранка Костова, зборувајќи за корупцијата во општеството ја отвори темата како се граделе цркви, односно како се собирале пари. Зборуваше за постоењето на агенциски провокатори кои имале задача да ги донесат донациите.

-Конкретно, како се градеше црквата Св. Константин и Елена. Секој бизнисмен имаше пред себе договор за донација, што е тоа ако не е суптилен рекет? Кога си на власт тоа го викаат барање спонзорство, рече Јадранка Костова за начините на кои работела партијата на Груевски.

Аналитичарите во „Печат на неделата“, за дуелот Заев – Мицкоски се согласија дека новиот лидер на опозицијата не е доволно дистанциран од политиките на Груевски, па токму затоа и јавноста добива впечаток дека старите политики ќе продолжат.

-Мицкоски треба да се спушти на земја. Дуелот заврши нерешено. Но, тоа му одговара на Заев. Мицкоски повеќе се постави професорски отколку лидерски и затоа јавноста имаше таков впечаток. Дуелот беше борба против две стратегии. Стратегијата на Мицкоски беше преку напад на Заев да се докаже како безкомпромисен лидер, додека Заев се обиде да го поистовети Мицкоски со Груевски. Тезата „ти си Груевски“ во јавноста даде резултат“, рече Арсовски.

Односите со соседите исто така беа тема во „Печат на неделата“. Аналитичарот Џевдет Хајредини рече дека лидерот на ДУИ, Али Ахмети бил на средба со албанскиот претседател Илир Мета. На таа средба Мета му изразил поддршка на Ахмети за преговорите за спорот со името бидејќи било и за доброто на Албанците во Македонија.

-За каква поддршка станува збор? И да не се реши проблемот со името, Македонија ќе продолжи да постои и како држава и како територија. Името нема целосно да ги реши внатрешните проблеми. Мора да се расчисти со корупцијата и да му веруваме на судството. Јас би му порачал ако сака да ги поддржи Албанците во Македонија, нека ја поддржи Албанката Фатиме Фетаи, рече Хајредини.

Back To Top